Microsoft ја купи социјалната мрежа LinkedIn за 26,2 милијарди долари.
LinkedIn, чија идеја е да ја олесни врската меѓу работодавачите и вработените и професионалните односи во целина, ќе задржи препознатлив бренд и независност како компанија, гласи пораката на Microsoft. Извршниот директор Џеф Винер ќе ја задржи функцијата, а ќе одговара пред неговиот колега во Microsoft – Сатја Надела.
Двете компании имаат слични мотиви – да поврзуваат професионалци и да го подобрат бизнисот.
По излегување на информациите за трансакцијата, акциите на социјалната мрежа скокнаа за цели 48%.
Во моментов LinkedIn е најголемата и најскапата професионална социјална мрежа, а за последната година нејзините активни корисници се зголемени за 19% до над 433 милиони.
Винер и коосновачот на професионалната мрежа Рид Хофман, кој е и главен акционер во неа, го одобрил стекнувањето, кое ќе биде спроведено до крајот на годината.
„Екипата на LinkedIn изградила фантастичен бизнис, ориентиран во поврзувањето на професионалци во светот. Заедно ќе можеме да го зголемиме растот, како на LinkedIn, така и на Microsoft Office 365 и Microsoft Dynamics (софтвер за бизнис менаџмент), за да најдеме начин да му помогнеме на секој човек и организација на планетата“, изјави Сатја Надела.