Улицата „Оксфорд“, позната по шопинг, но исто така и по енормната загаденост на воздухот, ќе биде затворена за автомобилски сообраќај од 2020 година.
Улицата „Оксфорд“ е една од најпрометните улици во Лондон низ која поминуваат околу четири милиони луѓе во една недела. Оваа улица стана синоним за сообраќајниот метеж, заради што е признаена како епицентар на проблемот во однос на загадувањето на воздухот во Лондон. Но, наскоро работите ќе се сменат!
Најавена е изградба на комплетно нова инфраструктура за велосипедистите, а се со цел Лондон да се претвори во град по мерка на човекот и околината.
Како што е соопштено од страна на Би-би-си, улицата „Оксфорд“ ќе се претвори во пешачка зона и тоа во две фази за да се минимизира прекинот на сообраќајот.
Во моментов, по улицата „Оксфорд“ е дозволено само движењето на такси возила и познатите лондонски „даблдекери“ коишто се движат на дизел. На патничките возила движењето по улицата им е забрането во текот на денот, така што оваа мерка нема драстично да влијае на возачките навики.
Оваа мерка е во согласност со напорите на Садик Кан, новиот градоначалник на Лондон, кој вети дека ќе го намали загадувањето на воздухот во градот.