Насловна / Вести / Завршни активности околу заштитата на црквата „Свети Илија“ во Стар Дојран

Завршни активности околу заштитата на црквата „Свети Илија“ во Стар Дојран

Со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Македонија се реализира непосредната заштита на црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран, која претставува значајно културно наследство од XIX век. Проектот, кој го спроведува Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица, целосно ќе биде завршен до крајот на годинава во спомен на стогодишнината од бомбардирањето на црквата во Првата светска војна кога претрпе сериозни оштетувања и беше ставена надвор од употреба. Неславниот јубилеј ќе биде одбележан со преосветување на храмот и негово ставање во активна црковна служба.св илија дојран

Со првата фаза од активностите беше направена конзервација на оригинално зачуваните делови од подната покривка на црквата и реставрација на партиите што недостигаат, по што беше целосно оформен подот на црквата.  На овие конзерваторско-реставраторски активности претходеше археолошко истражување на просторот под подното ниво, со што беа откриени постари сакрални градежни структури. Третата фаза подразбираше конзервација и реставрација на источната фасада од црквата, а се одвиваа реставраторско-санациски работи на внатрешните ѕидови од објектот, оформување на отворите за прозорци и врати, како и финални работи на подот и на скалишниот простор од нартексот. Во тек се завршните активности околу конзерваторските истражувања и конзерваторско-реставраторските работи на внатрешните ѕидови.

Црквата „Свети Илија“ во Дојран е изградена во 1848 година година со доброволни прилози од дојранските верници. Главен архитект бил Ѓорѓе Новаков од велешкото село Папрадиште.

Испрати коментар

Scroll To Top