Подготвителните активности пред реализацијата на капиталниот проект на општина Гевгелија за изградба на Конска брана завршија со денешната јавна презентација на стратешката оценка за влијанието на животната средина, што ја организираа министерствата за животна средина и просторно планирање, за земјоделство, шумарство и водостопанство и Градежниот институт на Македонија како изработувач на проектот.
– Со изградбата на браната, која ќе биде висока 78,5 метри и долга 331 метар, ќе се формира акумулација за задоволување на потребите од вода за наводнување на околу 8.000 хектари земјоделски површини, за квалитетно водоснабдување на жителите и за потребите на индустриските капацитети, – истакна презентерката Габриела Дуданова Лазаревска од Градежниот институт на Македонија и додаде дека со проектот се предвидува изградба и на нов дистрибутивен систем.
Реализацијата на проектот, според Лазаревска, ќе има позитивно влијание врз обезбедување квалитетна вода за пиење на населението, намалување на можноста за пренесување болести преку водата за пиење, зголемување на приносот од земјоделски култури и врз развојот на туризмот, спортот и рекреацијата во регионот.