Во соработка со локалната самоуправа на општина Демир Капија, НУ Археолошки музеј на Македонија и Домот на културата „Мирка Гинова“ – Демир Капија и со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, завршија археолошките истражувања на локалитетот Кале – Стрезов Град, с. Челевец, или попознат како средновековниот град Просек.
Од почетокот на септември годинава, Јавната научна институција „Институт за старословенска култура“, Прилеп, за прв пат спроведе сондажни археолошки истражувања на археолошкиот комплекс, за кој се смета дека е претпоставената позиција за тврдината на средновековниот град Просек. Целта на сондажните истражувања е откривање на конкретни архитектонски структури и добивање на податоци за стратиграфијата и карактерот на наоѓалиштето, како и утврдување на границите на археолошкиот локалитет и неговите контактни зони.
Со завршувањето на истражувањата на два пункта, откриени се кула која е дел од одбранбениот систем на тврдината и остатоци од рановизантиска црква, која подоцна била обновена, но со редуцирани димензии. Археолошките наоди ја наметнуваат и претпоставката дека можеби станува збор за црквата „Св. Богородица“ која во 1348 година била подарена на манастирот Хиландар.
Маркантната, но истовремено и бурна историја со којашто се карактеризира овој археолошки локалитет, била доволна инспирација и предизвик за перото на многу историчари кои биле современици на разни случувања и превирања, чија историска сцена бил токму Просек.
Градот во пишаните документи и извори за првпат е спомнат во 1019 година во грамота на византискиот цар Василиј II. Подоцна, името на овој град се среќава уште неколку пати, во документите кои датираат од тој период, но сепак најверодостојни информации за самиот локалитет дава современикот на самостојниот владетел Хрс, историчарот Никита Хонијат. Локацијата на овој средновековен град, како и содржините што ги нуди, претставуваат ресурс кој во иднина треба да се искористи. Неговата позиција која се наоѓа директно над коридорот X, што воедно е и најфреквентна делница во Република Македонија, овозможува овој локалитет во брзо време да прерасне во неодминлива патна станица на сите добронамерници.