Стадионот „Ал Тумамa“ (Al Thumama Stadium) во Доха, проектиран од страна на катарскиот архитект Ibrahim M Jaidah, е завршен и подготвен за претстојниот FIFA 2022 World Cup. Има капацитет за 40.000 гледачи, сместен е во јужниот дел на градот и е шестиот стадион изграден за потребите на овој настан. Името го добива според локално дрво. Проектантот е дел од Arab Engineering Bureau, и нашол инспирација во дел од арапската традиционална машка облека – капата гафија. „Се сеќавам дека во текот на осмислувањето на дизајнот низ рацете ми минаа многу различни видови гафии, со цел да ја проучам секоја ткаенина и шара“. Архитектот верува дека неговиот дизајн истовремено ги рефлектира и модерниот и традиционалниот карактер на неговата земја.
Но, специфичниот дизајн има удел и во стратегијата за ладење на стадионот. Исто како што гафијата ги штити луѓето од Сонцето, дизајнот ќе ги заштити гледачите од жештината. Имено, овој стадион како и другите кои ќе бидат домаќини на настанот кој ќе се одржува во номеври и декември, ќе имаат системи за климатизација односно ладење. Климатизираниот воздух ќе биде уфрлан на стадионот со помош на вентилатори погонувани од соларна енергија. По завршувањето на првенството, бројот на седишта ќе биде редуциран на 20.000, а останатиот дел ќе се трансформира во хотел со 60 соби.
Меѓу останатите стадиони за ова првенство се и Education City Stadium проектиран од Pattern Design and Fenwick-Iribarren Architects и Al Wakrah Stadium од Zaha Hadid Architects.