Министерството за животна средина ќе поднесе предлог до Владата за затворање на Југохром, бидејќи не ги испочитувала обврските за монтирање филтри, изјави денеска во Скопје министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири.
Тој појасни дека Југохром требаше да се усогласи со Оперативниот план и да добие интегрирана еколошка дозвола, меѓутоа минатата година компанијата не ги исполнила условите, по што Владата и даде можност во октомври, лани, дополнителен рок од две години под услов првите шест месеци да сработи нешто на терен.
– За жал, веќе се поминати два пати по шест месеци, а тие имат изработено нешто на хартија, но на терен ништо. Нашите инспекциски служби кои извршиле увид на терен констатирале дека компанијата нешто започнала околу одобрението и проектот за изградба, кажале дека имаат некои договори за изведбени работи, но на терен ништо не се одвива, ниту еден градежен зафат. Нашиот став е дека ваквите компании кои се несериозни и не ги почитуваат законите треба да се затворат се додека не ги исполнат условите, рече министерот Изаири на новинарско прашање по обраќањето на работилницата „Енергетско моделирање во рамките на климатските промени и СОР 21“.
Тој најави дека тие ќе предложат компанијата да се затвори, а потоа, согласно законот според кој за компаниите кои до април 2014 година немаат добиено интегрирана еколошка дозвола, Владата треба да донесе одлука.
Додаде дека во таа компанија работат 1.100 лица и тие не треба да останат на улица, но вели не треба да се поигрува и да се политизира со животот на луѓето кои живеат во тој регион.
– Ако сме сериозони како Влада треба да ги одвагаме работите што би било поважно, а мојот предлог е да се зачува животот и животната средина на сите луѓе. Владата има и други можности да изнјаде начин ако компанијата е сериозна околу исполнување на еколошките стандарди, вели Изаири.
Тој посочи дека во однос на прашањето за загадувањето што го врши Југохром надлежни се од Државниот инспекторат за животна средина кои ги следат состојбите, но смета дека тие постојано се над дозволеното ниво. Изречени им се и казни, но вели зошто тие казни не се извршени, треба да се прашаат судовите – Полесно е да се казни една бакаланица отколку ваква фирма, вели министерот Изаири.
Бидејки бев присутен на настанот би сакал да искажам големо незадоволство од медиумите и министерот. Не го испочитувавте настанот, заминавте пред воопшто да слушнете за проектот и поставивте прашања кои се нерелевантни со темата. Ваков проект државата не е способна да направи ниту министерството а го реализирале здруженија од граѓани.