Националниот парк Канајама (Parque Nacional Canaima) е национален парк на југоистокот на Венецуела, кој се протега на површина од 30.000 квадратни километри во Сојузната Држава Bolivar, што го прави втор по големина во државата и шести во светот (отприлика големина на Белгија). Паркот ја покрива речиси целата висорамнина Gran Sabana, од реката Río Carrao до границата со Бразил и Гвајана на запад. Околу 65 отсто од релјефот на ова подрачје го прекриваат кварцни песочници кои имаат стрмни карпи и речиси рамни врвови.
Националниот парк Канајама е основан на 12 јуни 1962 година, а проширен е на сегашната големина во 1975 година. Во 1994 година е додаден на листата на УНЕСКО на светско наследство во Америка со цел да се заштити биодиверзитетот со голем број ендемски видови, но и неговата геолошка уникатност.
Карпите во паркот познати како tepui (на пемонски, локален јазик значи „куќата на боговите“), датираат од времето кога Јужна Америка и Африка биле еден суперконтинент. Највисокиот tepui во паркот е tepui Roraima, честа мета на планинарите, додека најпознат е Auyán-tepui бидејќи оттаму паѓа највисокиот водопад во светот на 1.002 метри, Ангелскиот Водопад.
Во паркот во последните 10.000 години живеат неколку индијански племиња, што потврдуваат два археолошки локалитети стари околу 9.000 години. Најбројни се Пемон Индијанците кои се духовно поврзани со Тепуите и ги сметаат за домови на Мавари духовите. Пемоните организирале и неколку кампови за посетители, кои најмногу ги посетуваат туристи од странство. Паркот е претежно недостапен, со само неколку патишта што го поврзуваат со некои градови, најблискиот град е 600 километри северно од паркот. Сообраќајот претежно се одвива со авиони на пистите воспоставени од различни мисионери или пеш и со кануа.
Националниот парк е дом на повеќе од 300 ендемични видови растенија кои можат да се најдат само на висорамнината Gran Sabana, а и на многу видови на инсекти.
Фауната е исклучително разновидна, но не изобилна. Овде живеат 118 видови цицачи, 550 видови птици, 72 видови влекачи и 55 видови водоземци. Регистрирани се само шест видови на големи цицачи: џиновска видра, џиновски мравојад, џиновски оклопник, онцила, маргај (вид дива мачка) и шумско куче.
АНГЕЛСКИОТ ВОДОПАД
Националниот парк Канајама покрај тоа што ги штити неверојатните пејзажи и живеалиштата на животните, заштитник е и на Ангелскиот Водопад, кој е едно од седумте природни чуда на Јужна Америка.
Ангелскиот Водопад (Salto Ángel) е највисокиот водопад во светот со височина од 979 метри, каде што слободниот пад на водата е 807 метри. Се наоѓа на малата река Churún која тече низ ненаселени предели низ густа џунгла и е притока на реката Caroni. Висината на водопадот е толку голема што водата поради ветровите се претвора во облак од водени капки пред да падне на земја, а локалното население тоа го нарекува „ангелска прашина“.
Интересно, локално име за планината од која тече водопадот е Auyan Tepui или Ѓаволска Планина, а врвот на водопадот е наречен Ѓаволска Уста.
Доколку туристите сакаат да му се доближат и го разгледаат, тргнуваат од едно од селата во околина на водопадот. Најчесто тоа се Kanaima, Kavak и Kamarata. Иако овие села се најблиску до водопадот, потребни се неколку дена одење за да се дојде до него.
Водопадот за прв пат е откриен во 1912 година од венецуелскиот истражувач Ernesto Sanches La Cruz, но тој своето откритие не го објавил јавно.
Легендата вели дека областа околу Ангелските Водопади е исклучително богата со злато и со други драгоцености, што било доволна мотивација за оние „истражувачи“ од западните земји да тргнат по богатството. Па така водопадот бил „откриен“ од американскиот пилот Џејмс Крафорд Енџел на 16 ноември 1933 година, додека барал рудни наоѓалишта. Повторно се вратил да го побара и да го докаже неговото постоење на 9 октомври 1937 година. Кога се обидел со авионот да слета покрај водопадот, авионот бил оштетен, а тој и тројцата соработници поминале 11 дена пешачејќи до цивилизацијата. Воодушевен од величествениот поглед, посакал неговата пепел, по неговата смрт, да биде расфрлана над Ангелските Водопади. Тој починал во авионска несреќа 1956 година, а желбата му е исполнета. Авиончето со кое ги прелетал водопадите денес се чува во музејот Ciudad Bolivara.
Името Ангелски, водопадите го добиле по неговото презиме. На локалниот пемонски дијалект, тие се нарекуваат Kerepakupai-merú, што во слободен превод значи водопад на најдлабокото место. Поранешниот венецуелски претседател Хуго Чавез, за време на својот мандат предлагаше да се врати изворното име, бидејќи така го нарекуваат членовите на племето Пемон.
Како и да го нарекуваат, едно е сигурно – ова чудо на природата секој посетител ќе го памети до крајот на својот живот. Најдобар период за посета на водопадот е од мај до ноември.
Ангелските Водопади се најважната туристичка атракција во Венецуела. И денес патот до водопадите не е лесен, бидејќи тие се изолирани во џунглите на Венецуела.