Насловна / Вести / Заштитна галерија на пристапниот пат Злетово – брана Кнежево

Заштитна галерија на пристапниот пат Злетово – брана Кнежево

1507192_10201224176593165_963428574_n

Меѓу специфичните опасности присутни во планинските предели, одронувањето на карпест материјал претставува една од основните закани, особено во однос на патниот сообраќај. Оваа опасност може да се јави во многу различни форми, големини, како и во различни начини на случување.

Појавата на одрони се карактеризира со многу ниска повторливост на настанот, ненајденост на нивното настанување, проследено со висока брзина на движење на материјалот. Ова резултира со големи движења на почвата или карпестата маса надолу низ падината и оштетувања на локалната инфраструктура.

Соочени со овие опасности, се користат повеќе заштитни мерки, активни или пасивни, изведени како трајни или времени конструкции. Помеѓу овие конструкции значајно место заземаат заштитните галерии.16112012104.MP4_000001666 16112012570

Галериите се проектираат како армирано-бетонски конструкции кои обезбедуваат високо ниво на заштита од одрони. Покрај високите трошоци за изградба, најчесто, овој тип заштитни конструкции е единственото ефикасно остварливо решение, посебно  во регионите каде сообраќајниците се лоцирани блиску до брдскиот масив подложен на овие појави. Заштитните галерии се конструираат и анализираат да ја примат големата енергија на ударот од карпестата маса која паѓа врз нив. Над покривната плоча се поставува слој од материјал (песок) со кој се амортизира ударот на карпите што паѓаат. На тој начин, ефективно се дисипира енергијата на ударот, со што се редуцира ударот врз плочата и останатите елементи на заштитната галерија.

На една делница на пристапниот пат Злетово – брана Кнежево, забележана е појава на зачестени одрони. Со цел да се обезбедат нормални услови за одвивање на сообраќајот, преземени се соодветни мерки за заштита од одрони. Според изработената проектна документација, предвидено е да се изврши изведба на армирано-бетонска конструкција – галерија. Конструкцијата е долга 48 m и широка 4 m. Наклонот на галеријата во надолжен правец е 12°, а  најмалата висина е 4,5 m.

Галеријата претставува рамковна конструкција, составена од столбови, греди и плочи.  Фундирањето е предвидено да се изведе со армирано-бетонски микро колови, со максимален дијаметар од Ø20 cm и висина h = 5,5 m од страна на карпите и h = 7,0 m од страна на реката. Постојат два вида микро колови, вертикални и коси, распоредени на меѓусебно растојание од 1 m. Над микроколовите е предвидена врзна греда со димензии 100/100 cm.

DSCN1433 Photo0679

Столбовите се со димензии 70/70 cm, поставени на меѓусебно растојание од 6 m. Висината на столбовите од страна на карпите h = 5,4 m и h = 6,4 m од страна на реката. Од страната на карпите меѓу столбовите е предвидено армирано-бетонско платно со дебелина од 25,0 cm, а пак од страна на реката тие се отворени. Во подолжен и попречен правец столбовите се поврзани со греди со димензии 50/70 cm. Над гредите е поставена плоча со дебелина од 40 cm, а над плочата се поставува песок со дебелина на слој од 70 сm кој има улога да го амортизира ударот од одронетиот карпест материјал врз галеријата.

Со цел да се заштити вертикалното а.б. платно од директни удари на одронати карпести блокови и да се намали силата на ударот во просторот помеѓу галеријата и косината, предвидено е да се изведе насип. Овој насип би се извел од кршен камен со дијаметар на зрното помеѓу 50-100 mm.  Над насипот се поставува неткаен геотекстил кој има функција на сепаратор.

За да се спречат одроните од насипот на патот, предвидена е изведба на крилни ѕидови на почетокот и крајот на галеријата. Крилните ѕидови се дилатирани од галеријата, и тие се плитко фундирани со кота на фундирање од 1,1 m.

Во планински земји како Македонија, карпестите одрони се една од најчестите природни непогоди во денешно време. Ризикот од одрони, вообичаено, се намалува со објекти како што се галериите, кои ги заштитуваат патиштата и железниците. Тие обезбедуваат заштита против големата енергија на ударот од карпестата маса која паѓа врз нив, и во споредба со други мерки за заштита, галериите претставуваат соодветно решение со мало одржување, дури и за почести одрони кои резултираат со мала енергија на ударот. Исто така, галериите го ограничуваат ризикот од несигурноста во проценка на движењето на големите камења, бидејќи тие се изградени директно над патот што треба да се заштити. За воспоставување на рационални критериуми за прифаќање на ризикот на проектирање на вакви конструкции, потребно е да се направи реална проценка на товарот.

Подготвиле:

Наталија АЛТАНОВСКA, дипл. град. инж. и Ирина ПЕТКОВСКА, дипл. град. инж.,

ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје

 

Испрати коментар

Scroll To Top