Насловна / Вести / Заштитата на животната средина не смее да биде на маргините

Заштитата на животната средина не смее да биде на маргините

Имајќи ги предвид состојбите во областа на заштитата на животната средина во земјава, забелешките кои се нотираат од страна на Европската комисија во извештаите за напредокот на Македонија, скандалите за злоупотреби кои ја вознемируваат јавноста, а пред сè водени од мотивацијата да им се помогне на официјалните институции со конструктивни забелешки и укажувања, невладиниот сектор ја формираше Платформата 27, со цел изработка на Извештај во сенка за овие состојби. Името на платформата е симболично, согласно поглавјето 27 кое ја третира животната средина во преговорите за ЕУ. Иницијативата обединува 20 граѓански организации кои работат во областа на заштитата на животната средина, а носител на проектот е Центарот за климатски промени. Со поддршка од страна на ЦИВИКА Мобилитас, проектот е финансиран од страна на швајцарската Влада, со специфична цел „зајакнување на капацитетите на граѓанските организации преку стимулирање соработка и изградба на заеднички ставови за животната средина како и подигање на свеста на пошироката јавност“.

Banner-Invitation-EN

По повеќемесечна работа, на крајот на ноември, Извештајот во сенка кој опфаќа околу 200 страници, беше официјално промовиран на македонски и англиски јазик. Тој ги опфаќа областите: хоризонтално законодавство, управување со води, (изработени од страна на Милеуконтакт Македонија), управување со отпад, квалитет на воздух, индустриско загадување и управување со ризик (Центар за климатски промени) природа, (Македонско еколошко друштво – МЕД) и климатски промени (Еко – свест). Во продолжение Ви ги презентираме главните наоди и препораки кои ги нотира овој извештај.

brj_resize

НАОДИ И ПРЕПОРАКИ

Поглавјето 27 е едно од најкомплексните за преговарање со ЕУ, кое бара значителни капацитети и координација од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), со оглед дека недлежностите се поделени со повеќе органи, опфаќа повеќе чинители и неопходна е интеграција со сите останати политики во државата. Тоа е и најскапото поглавје за имплементација – приближно четири милијарди евра се потребни за Македонија за имплементација. Проценката е дека ќе чини околу илјада евра по глава на жител само за потпоглавјето управување со води, околу 30 – 50 отсто од таа вредност по жител за управување со отпад, и приближно толку за останатите области, се вели во Извештајот. Освен посветеноста на институциите, бара промена и во однесувањето на граѓаните, водењето на бизнисот, сериозен ангажман на локалните власти, како и обемна меѓународна соработка. Генералните наоди на Извештајот се дека усогласувањето на нашето законодавство е на средно ниво, но имплементацијата е на почетно ниво. Административните капацитети се недоволни (и по број и по квалитет), особено на локално ниво, како за имплементацијата така и за инспекцискиот надзор. Финансирањето на животната средина е минимално, а тоа значително влијае врз нискиот степен на имплементација. Препораките и критичките осврти во Извештајот имаат за цел да ги поттикнат надлежните органи на делување, да го насочат вниманието на донаторите и на Европската комисија со цел обезбедување поддршка, како и да ја запознаат пошироката јавност со комплексноста на Поглавјето 27.

Screenshot 2021-12-16 091927_resize

ХОРИЗОНТАЛНО ЗАКОНОДАВСТВО

Во делот на хоризонталното законодавство, се нотира високо ниво на транспонираност на ЕУ-законодавството, но постојат проблеми во имплементацијата. Директивата за криминал во животната средина е во раните почетоци на имплементација. Во однос на усогласување на законодавството во МЖСПП постојат само двајца правници кои работат на овој процес.

Има одредени недоследности и во делот на известување и учество на јавноста во постапките, особено за Стратегиска оценка на животната средина (СОЖС) и тоа во најголем дел на локално ниво. Минимум стандардите за спроведување инспекциски надзор (RMCEI) се инкорпорирани во Предлог-законот за инспекциски надзор во животната средина, којшто е изготвен во јануари 2021 година, а јавна расправа по однос на Предлог-законот беше одржана на 17.7.2021. Законот сè уште е во собраниска процедура и не е усвоен. Се препорачува да се формира група од експерти која ќе ги ревидира и ќе даде оценка за квалитетот на студиите за оценка на влијанието врз животната средина, а во насока на нивно подобрување во иднина, редовно објавување на овие документи, и поголемо учество на јавноста во постапките.

Screenshot 2021-12-16 091722_resize

КВАЛИТЕТ НА ВОЗДУХОТ

Што се однесува до квалитетот на воздухот, извештајот нотира доброразвиена мониторинг мрежа и нејзино проширување и одржување во последните две години. Сепак, и покрај високиот степен на транспонираност на законодавството квалитетот на воздухот не ги задоволува барањата пропишани во ЕУ-законодавството. Сè уште не е акредитирана централната лабораторија при МЖСПП каде што се врши калибрација на инструментите за следење на квалитетот на амбиентниот воздух. Нема извештаи за спроведувањето на планот за квалитет на амбиентниот воздух 2013 – 2018 (иако предлага повеќе од 100 различни мерки), а не се воспоставени ниту редовни мерења на тешките метали и на полициклични ароматични јаглеводороди. Извештајот препорачува интегриран пристап за подобрување на квалитетот на воздухот, ревидирање на Законот за квалитет на амбиентниот воздух, донесување Уредба за квалитет на течните горива заради транспонирање на Директивата за содржина на сулфур во бензините 2016/802/ЕС, донесување нов Национален план за заштита на амбиентниот воздух и др.

Непходно е и континуирано одржување на мерните станици и на инструментите со цел непречено следење на квалитетот на воздухот со сите барани параметри.

skopje-zagaduvanje_resize

ИНДУСТРИСКО ЗАГАДУВАЊЕ И УПРАВУВАЊЕ СО РИЗИК

Кај индустриското загадување и управување со ризик, се нотира потребата од законско доуредување со цел јавна достапност на информациите за собраните средства од издавањето на еколошките дозволи А и Б, се укажува на долгото траење на  постапките за издавањето на дозволите како и на недоволните административни капацитети, посебно на локално ниво. Укажано е и на потребата од понатамошно транспонирање на Директивата SEVESO III (Директива за спречување несреќи). Во таа насока мора да се идентификуваат сите инсталации што користат опасни хемикалии согласно оваа директива. Треба да се изработат планови за постапување во случај на несреќи на овие капацитети (внатрешен план), како и соодветни планови на oпштините каде што тие се лоцирани (надворешен план). Неопходно е што поскоро донесување на Законот за контрола на индустриските емисии. Поголема транспарентност е потребна и во однос на трошењето на финансиските средства, преку објавување на сумата на собраните средства, како и на проектите кои се финансираат со средствата кои ги собираат општините (Осломеј, Новаци, Гази Баба и Карпош) од производството на енергија од фосилни горива согласно член 185-а од ЗЖС.

whatsapp-image-2020-12-15-at-13.44.17-1024x768_resize

УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАД

И после 15 години од првиот закон за управување со отпад, управувањето со отпадот во Македонија се базира на собирање и негово депонирање – најнепосакуваната опција. Постои средно ниво на усогласеност на националното со ЕУ-законодавството, но неопходно е да се донесе нова стратегија за управување со отпад (или да се ревидира старата 2008 – 2020), како и да се следи имплементацијата на Стратегијата и на Планот за управување со отпад 2021 – 2027.

Иако Законот предвидува регионално управување со отпадот, сепак со отпадот сè уште управуваат општините преку јавните комунални претпријатија кои вршат само собирање на отпадот и депонирање на локалната најблиска депонија. Системот за селекција сè уште изостанува, односно во голема мера се заснова на селекција воспоставена од страна на колективните постапувачи. Но, овде се поставува прашањето на легитимноста на издадените дозволи и нивната контрола во услови кога не постојат формални податоци за количината на производи пуштени на пазар. Се препорачува најитно воспоставување интегриран регионален систем за управување со отпад во сите региони каде што има изработени регионални плански документи и физибилити студии, подобрување на инспекцискиот надзор, итно затворање на непрописните депонии, како и редовна изработка и публикување извештаи за количината на пуштање производи на пазарот во Македонија, што се дел од посебните текови на отпад и на постигнатите цели за собирање, селектирање и рециклирање.

image00003-6_resize

ПРИРОДА

Во областа природа Извештајот ги нотира како позитивни чекори изработката на методологијата за идентификување на потенцијални Натура 2000 подрачја, како и прогласувањето на две нови заштитени подрачја – заштитено подрачје Осоговски Планини и национален парк Шар Планина. Системот за издавање дозволи за трговија со загрозени видови е во некоја мера воспоставен, но голем недостиг е необученоста или недоволните капацитети на институциите како и непостоењето на овластени депозитари за конфискуваните видови. Финансирањето на заштитата на природата е недоволно, а за управување со заштитените подрачја не се издвојуваат средства од централниот буџет. Се препорачува  донесување нов закон за природа со што ќе се финализира транспонирањето на ЕУ-директивите, вклучително и регулирање на трговијата со загрозени диви животни.

Понатаму, потребно е ревидирање на Листите на строго заштитени и заштитени диви видови, донесување планови за управување за сите заштитени подрачја, како и  обезбедување државно финансирање за функционирање на заштитените подрачја и заштита на биодиверзитетот. Неопходни се обуки на Царинската управа и на Фитосанитарната управа за препознавање нелегална трговија со диви видови.

УПРАВУВАЊЕ СО ВОДИ

Управувањето со води претставува едно од најкомплексните и најскапите потпоглавја од преговарачкиот процес. Постои средна усогласеност на националното законодавство со ЕУ-законодавството во оваа област, а потребно е понатамошно усогласување во подзаконските акти кои произлегуваат од Законот за води. Сериозен е проблемот со третманот на отпадните води. Само три до четири отсто од отпадните води од индустријата и рударството се третираат пред испуштањето. 77,2 отсто од населението е покриено со систем за собирање отпадни води, а само 24,1 отсто од населението е покриено со систем за третман на отпадни води. Македонија има 25 пречистителни станици (ПС) (податок од 2020 година), со вкупен капацитет од 536.770 еквивалентно население. Потребни се 86 ПС со секундарен третман, од кои 16 ПС и со терцијарен третман. 82 отсто од населението е поврзано на централизиран јавен систем за водоснабдување. За жал, во 21-виот век сè уште имаме населени места и граѓани кои немаат пристап до квалитетна вода за пиење. Имаме енормно висока стапка од 62 отсто на неприходна вода, значително повисокo во споредба со просечното ниво во земјите на ЕУ (30 отсто). Само мал број на јавни комунални претпријатија (ЈКП) поседуваат дозволи за апстракција на вода.

1200px-Discharge_pipe_resize

Не постои кохерентна и унифицирана политика за управување со водите, има поделена надлежност помеѓу повеќе субјекти на национално и локално ниво и слаба координација. Неопходно е зајакнување на инспекциската контрола, бидејќи во земјата има само двајца водостопански инспектори. Се препорачува ревизија на постоечката Национална стратегија за води (2012 – 2042), изработка и усвојување нова водостопанска основа, финализирање и усвојување на сите четири планови за усвојување со речен слив, намалување на уделот на неприходна вода, развивање програма за мониторинг, зајакнување на административните капацитети, зголемување на буџетот за оваа област и др.

КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ

Климатските промени со право се посочуваат како најголема закана на денешницата. Како што истакна и потпретседателот на Владата Никола Димитров по повод презентацијата на овој извештај во сенка, „ние сме првата генерација која сериозно ги чувствува последиците од климатските промени, но веројатно и последната која ќе мора да ги реши бројните предизвици и да застане на пат на глобалното затоплување и да избегне катастрофа“.

Screenshot 2021-12-16 091959_resize

Националното законодавство во оваа област е со низок степен на усогласеност. Недостасува политички консензус и климата не се поставува како приоритет во владините политики. Потребен е меинстриминг на климатските цели во сите сектори кои придонесуваат за климатските промени. Постојат слаби административни капацитети, но и низок капацитет за разбирање на оваа проблематика кај релевантните институции. Иако во моментов земјата носи климатски политики со високо ниво на амбиција и климатски цели кои се во насока на остварување на зацртаните климатски цели на ниво на ЕУ, сè уште недостасува реална имплементација. Потребно е итно донесување на Законот за климатска акција, на Националниот план за клима и енергија, интегрирање на Парискиот договор и на Текстовите од Катовице во националното законодавство и воспоставување правни инструменти и финансиски средства за спроведување, интегрирање на политиките за клима во политиките за енергетика на земјата, интегрирање на климатските политики во стратегиите и плановите на единиците на локалната самоуправа, поддршка за научните истражувања, вработување на компетентен кадар од оваа проблематика во надлежните институции и сл.

EU-harmonization-1_b_resize

Јасно е дека на патот на остварување на сите зададени цели и надминување на сите предизвици во секоја од споменатите области претстои многу посветена работа од страна на сите чинители – надлежни институции, компании, граѓански организации, граѓани, медиуми, академската заедница и др. Притоа, членството во ЕУ не смее да биде цел сама за себе за спроведување на реформите во областа на животната средина. Несомнено, мотивот треба да биде почиста животна средина, подобро јавно здравје и подобар квалитет на живот на сите наши граѓани.

Logo-270x270-ENG-01_resize

Испрати коментар

Scroll To Top