За да ја надомести штетата предизвикана со користењето специјален софтвер со кој се криело вистинското ниво на емисија на штетни материи, „Фолксваген“, германскиот производител на возила во САД, ќе треба да произведува електрични возила.
Германкиот весник „Welt am Sonntag“ објавува дека американската Федерална агенција за заштита на животната стредина (ЕПА) побарала од „Фолксваген“, покрај поправката на 600 илјади возила опремени со инкримираниот софтвер, да произведува електрични возила и да помогне да се гради потребната инфраструктура, односно мрежа на локации каде што овие возила ќе можат да ги полнат батериите.
„Фолксваген“ за германските медиуми не сака да ги коментира преговорите што се водат со американските власти. Над 11 милиони возила во целиот свет биле опремени со софтверот што го криел вистинското ниво на емисија на штетни гасови од возилата на „Фолксваген“, секогаш кога возилото се наоѓа на тест. Скандалот е случајно откриен од страна на еден истражувачки тим во мала лабораторија на Универзитет во САД.