Технолошката компанија KOER објави дека со Хрватскиот оператор на преносниот систем (HOPS), потпишале договор и ја активираат првата хрватска виртуелна електрана. Имајќи ги во предвид потребите на модерниот хрватски електроенергетски систем и можностите за развој на електроенергетскиот пазар во Хрватска, иновативниот тим на KOER, сам ја развил потребната хардверска и софтверска инфраструктура. Со стартувањето на првата хрватска виртуелна електрана, KOER воедно е и нов фактор во електроенергетскиот пазар – агрегатор, кој претставува врска помеѓу пазарот на електрична енергија и крајните корисници кои ја сочинуваат виртуелната електрана.
За разлика од класичната електрана која се наоѓа на едно место во склоп на електроенергетскиот систем каде што е приклучена, виртуелната електрана преку својата технолошка платформа ги обединува производителите, потрошувачите и капацитетите за складирање на енергија, кои можат да се наоѓаат било каде во склоп на хрватскиот електроенергетски систем. На сите кои се вклучени, виртуелната електрана им дава можност за остварување на повеќекратни бенефити. На крајните корисници, кои ставаат на располагање дел од својот капацитет за производство или потрошувачка на електрична енергија, им се овозможува да станат активни учесници на пазарот на електрична енергија, и на тој начин да остварат дополнителни приходи. Во исто време, на HOPS му се пружаат услуги со цел оптимално управување и балансирање на производството и потрошувачката на енергија во електроенергетскиот систем.