Овој комплекс во САД именуван Ivanpah, во вредност од 2,2 милијарди долари, може да произведе скоро 400 мегавати, што е доволно за 140.000 домови.
Големата површина на пустината Мохаве, која некогаш била дом на желки и којоти, трансформирана е со помош на стотици илјади огледала во најголема соларна електрана од овој тип во светот.
Соларната електрана се состои од 300.000 компјутерски контролирани огледала високи два, а широки три метри. Огледалата ја насочуваат сончевата светлина кон врвовите на три кули високи 140 метри, каде водата се претвора во пареа, која потоа ги движи турбините за создавање електрична енергија.
Оваа електрана е големо достигнување во индустријата, која го проверува балансот меѓу зачувување на дивината и потрагата за енергија на Запад.
Системот на собирање на сончевата енергија Ivanpah, кој опфаќа речиси 13 квадратни километри на државно земјиште во близина на границата меѓу државите Калифорнија и Невада, почна да работи по неколку години водење борба со преместување на заштитени видови на желки, и проверки на влијание врз растителниот живот во оваа област.
Овој комплекс е во сопственост на компаниите NRG Energy Inc, Google Inc. и BrightSource Energy.
Во моментов на соларната енергија отпаѓа помалку од еден процент од производството на електрична енергија во САД , илјадници проекти се во тек, без разлика дали се работи за огромни или многу мали проекти.