Општина Центар започна со целосна реконструкција на улицата „Ѓорѓи Скрижевски“, во должина од 391 метри.
Широчината на улицата на почетокот е 4 метри, а кон крајот се зголемува и до 7 метри.
По стругањето и отстранувањето на постоечкиот, ќе се поставува целосно нов квалитетен асфалт.
Ќе се менуваат шахтите, а ќе се изврши и нивелирање на сливниците.
Оваа улица беше оштетена со ударни дупки, за што реагираа голем број граѓани. Во договор на жителите со градоначалникот Андреј Жерновски, отпочна процедурата за обнова на улицата.
„Ѓорѓи Скрижевски“ е прва од 10-те улици на Водно кои се опфатени во актуелната акција „Нова пролет, нова офанзива!“ на општина Центар. Следни на ред се улиците „Христо Чернопеев“ и „Партениј Зографски“.