Секретаријатот на Енергетската заедница започна да прима пријави за Летната школа на Енергетската заедница која оваа година ќе се одржи во Белград од 19-ти до 26-ти август. Постдипломците, истражувачите од областа на енергетиката или младите професионалци од владините институции, компании, истражувачки центри или невладини организации, имаат рок да се пријават до 31-ви март. Летната школа се фокусира на енергетските системи во транзиција, посебно во југоисточна и источна Европа. Целта на школата е да им се овозможи на учесниците да ги разберат енергетските сектори и да го промовира развојот на вештини во сите области поврзани со енергијата. Програмата подразбира комбинација на курсеви, предавања и културни активности. Во текот на обуката, предавањата ќе ги држат научници од академската заедница, како и стручњаци од водечките енергетски компании. Учеството е бесплатно.
Прилика за учество ќе добијат 48 млади луѓе на возраст до 36 години – родени 1988 година или подоцна. За пријавување, потребно е да се пополни on-line application form, како и да се достави краток труд од областа на енергетските политики. Кандидатите ќе бидат избрани од страна на Секретаријатот на Енергетската заедница во консултација со академските и истражувачките институции на земјите учеснички. Овогодишната Летна школа се организира во соработка со Вишеградскиот фонд, фондацијата Friedrich-Ebert-Stiftung – Dialogue Southeast Europe (FES SOE) и Факултетот за политички науки во Белград. Земјите членки секоја година се менуваат како домаќини на Летната школа. Минатата година таа беше одржана во Сараево.