Насловна / Вести / Замаглување на стратешката важност

Замаглување на стратешката важност

Ако јавниот превоз со стари автобуси имаше вкус на маштеница оној со подновен возен парк може највеќе да наликува на павлака. Простото подигнување на еволутивниот лимес „на кат“ повеќе ја бетонира отколку разјадува окаменетата матрица па овој превоз ги губи шансите за премин од тенката „млечна“ во висококалоричната „месна“ група. Едноставно, фрикцијата на услугата со реалните потреби игра пресинг контра ефективноста и ефикасноста, правејќи од стратешката насока што повеќе автомобилски возачи во јавниот превоз, анегдотска епизода наместо акциски стожер.06 Pavlaka

Љубоморна посесивност јавниот превозник покажа и кон персоналот на Градот Скопје кому не му беше овозможено, преку поповолна достапност барем до службени билети, да даде свој полн придонес кон погорната насока. Бесплатниот и неограничен паркинг е само втората страна на политичко-управната „искреност“ која требаше да креира и води развојна политика. Ќе остане вечна тајна како се случи од популаризациските мерки насочени кон идната академска и сегашната пензионерска популација, низ процес на неразумна и неприродна сегрегација, Градот да ги изостави студентите на приватните факултети!?!

Јавниот градски превоз никогаш не бил сурова грутка од хаотични тежи и противтежи. Напротив, отсекогаш имал своја макар и базична форма, како граничник кон тоталната произволност. Но тоа не е доволно. Особено не во современиот свет на општествена и социјална коректност и одговорност. Нормално, таму каде на тоа се внимава и за кое се полага сметка. Тоа „таму“ не трпи градоначалници-воини, како проектни олицетворенија на бесмртниот бог Марс, туку „градски татковци“ – мудреци кои цивилизираат наместо да освојуваат. Цареви Хадријани, наместо цареви Трајани. Токму затоа, на дланката на секој град јавниот градски превоз може да заплови по две линии: едната, по која ќе остане самодоволно крут, затворајќи го постојано и постојано кругот на инерциските сили и другата, по која ќе прерасне во сервис кој ослушнува, се повива и суштински еволуира. Првиот удобно опстојува прикачен на јаслите на Градот, не кршејќи глава околу „ситници“ од типот квалитет на приградскиот превоз или транспортна покриеност на егзистенцијално-критичните урбани функции (Клиничкиот центар на пример). Вториот пак не толерира т.н. „приватници“ четврт век да функционираат според најсебични економски узуси и со навредлив квалитет, пред да се обиде да ги втера во лабава и сè уште бесполезна организациско-функционална матрица која трпи предолги породилни болки. И секако нема да дозволи „развојната компонента“ во неговите официјални планови за работа да се сведе на просто набројување на субвенциските „порции“ од Градот за истите непроменети услуги.07 Haos

Простачката грижа за жителите на градот Скопје немаше проблем ниту да го одмолчи конечното трамвајско адактирање. Со оглед на важноста и долготрајноста на тоа прашање како и брановите кои повторно ги подигна и средствата кои ги извлече наместо тишина моравме да добиеме подготвен одговор. „Закрпата“ од електрични автобуси, најавени во бројка на која и далеку побогатите и поорганизирани градови не се осмелуваат, носи многу повеќе „украински“ популизам отколку што зрачи добра намера.

Тупаницата со која може ефикасно да се замавне кон локалната автомобилска експанзија треба да содржи широк и шаренолик избор на услуги надвор од предолгата автобуска клаустрофобија, а натстрешниците и дигиталните информативни табли можат да бидат само украси на современиот системски бон-тон.

Инфраструктурен одек

Умешноста на прилагодувањето претставува способност да се прифати она што на глас се извикува. За среќа, постои и нешто што наликува на внатрешен компас кој има способност да го издвои стратешки неопходното од естетското и популистичкото.08 Hadrijan

Децениското инвазивно бавење со скопската сообраќајна инфраструктура како да беше обид од неа и од нејзиниот сообраќај да се извлече најголемата жртва – масовно прилагодување. Потрошувачката власт стана расипничка тогаш кога реши да ги игнорира стратешките инфраструктурни насоки и градежниот полет наместо и кон експресните магистрали (булевар „Крушевска Република“, булевар „Македонија“ алиас Јужен булевар) целиот да го втурне кон второкласната улична мрежа. Поимот второкласна овде не задира во нормативната категоризација туку прави функционална дистинкција на коридори наменети за локално, меѓузонско сообраќање и оние кои транзитниот градски сообраќај можат да го издвојат од сегашните и идни заглавени крстосници и без слични запирања да го пропуштат на поголеми градски растојанија. Делува можеби нејасно, но ако на вашето најмило, кое своите први чекори ги прави во Автокоманда, сте решиле да му обезбедите претпладневна нега во Карпош, тогаш ќе знаете за што овде станува збор.

Шокот кој Вашиот автор го доживеа соочен со лаконската ароганција на бившиот секторски министер, булеварот „Крушевска Република“ едноставно „да се избрише од ГУП-от“ во отсуство на здраворазумска или каква било друга логика која човекот, според Дарвин, го двои од мајмуните, сè уште ги влече своите траги. Леснотијата и несериозноста на пристапот кон најкрупните сообраќајно-инфраструктурни визии, кои никој претходно не се осмели да ги доведе во прашање, а камоли негира, претставува еден од еталоните за мерење на дефектната институционална грижа за овој град и неговите жители.09 bul. Krusevska Republika

Наместо решенија кои доаѓаат од зад хоризонтот градската власт се одлучи за проектни екстракти кои дофрлаат само до следниот агол. Стратешката димензија не кохабитира со ваквиот манир на задоволување со неопходниот минимум, лимитиран на оние 20-30 години проектен дострел (па и тие можат да се доведат во прашање во невозможни статистички и непредвидливи градежни услови). Последичните креации во форма на три па дури и четиринивојски крстосници за некои хронично невралгични јазли (Судска палата), во изнегуваната тарапана аминувани дури и од страна на академски авторитети, се надевам ќе останат таму каде што се и породени – на хартија!10 KJeramidnica - Alternativen koridor

Општата маѓепсаност со инфраструктурни проширувања не го претвора денот во ноќ. Вистина е дека откривањето на кружните текови делуваше убиствено врз некои здодевни автомобилски колони. Но исто така е вистина дека секој нареден метар додадена улична ширина претставува нова покана за автомобилскиот сообраќај и при одредени коридорски корелации – на пример улицата „Теодосиј Гологанов“ како сервисна на неизградениот експресен булевар „Македонија“ – врши замаглување на стратешката важност и неопходност на повисокиот.

Од друга страна пак, некои метафизички градски загуби доаѓаат до израз тогаш кога, со тивка дозвола на локалната самоуправа, приватниот интерес ќе се наложи над јавниот. Користољубието на поединецот издигнат над системските законитости и ограничувања не дозволува инфраструктурно деблокирање на локалитетот Ќерамидница со изградба на „алката која недостасува“ на лонгитудиналата булевар „Илинден“ – булевар „Гоце Делчев“ – булевар „АСНОМ“. Над утврдената потреба, планското решение и студиската оправданост која остана забункерирана во некоја фиока во Општината Гази Баба стои по сè изгледа некоја невидлива, толерирана сила.

Исклучивата дихотомија помеѓу стратешкото и секојдневното во полза на второто нема здраворазумски основ ниту може да има стручна поддршка во услови кога во овој градски „гранап“ немате поим со колку „стока“ располагате, колку во иднина ќе ви биде „доставена“, каде таа ќе се насели, што ќе вози, какви навики ќе има и колку ќе патува. Оние 90 и кусур илјади студиски проценети возила кои во 2009-та секое утро се појавуваа на приодите на градот, изгледа, не алармираа доволно гласно. По цели 8 години тој аларм, изгледа, уште потивко се слуша.

Политиката која го овозможи системскиот инстинкт секоја набабрена институција крваво да се бори за правото на своите вработени на бесплатно и неограничено паркирање, а секој „покрупен“ инвеститор телефонски да нарачува прилагодување на урбанистичко-градежната регулатива според сопствената финансиска алчност, поседува органска инфекција која тешко може поинаку да се манифестира.

На крстосницата…

Бродејќи низ океанската магловитост морнарот прво го насетува, наслушнува, па дури потоа го здогледува копното на својата конечна дестинација. Денешниот скопски сообраќај овие десетина години на сличен начин се појавуваше низ скопскиот смог. Само што наместо крици од галеби во оваа котлина одекнува несмалено октанско дрндање.

Односот кон него наликува на децениско негување на ексклузивна енклава погодна за експериментирање (последните предизборни кампањи не најавуваа отклон од таа девијација – се истакнуваа аутистични проекти кои како да се цел самите на себе, а не алатка на сеопфатна стратегија која, според изостанокот, како да не постои; се најавуваа локал-општински политики кои се во тежок судир со современите урбани сообраќајни трендови). Митохондрирањето во своите административни граници без поширока просторно-планска поддршка го принудува на ослушнување на сопствените одеци во ера во која локалната грижа е незамислива без стратешко-планско делување кон припаѓачкиот регион. А капиларното пропуштање на влијанијата на државните и партиските органи му ја рони ранливата функционалност зацврстувајќи го во простата бихроматска (автомобил-автобус) констелација.

Хендикепот кој го профилира овој град е повеќеслоен, но токму заради неможноста егзактно да се согледаат расположливите резерви стратешките проекти не смее лаконски да се „дриблаат“ заменувајќи се со леснотијата на градежните зафати. Скопје штедро ја троши предноста на својата трендовска заостанатост упорно инсистирајќи да ги направи истите грешки на напредните градови. Нерезонските проектни излети од типот Social Car го градат сумарумот на таквиот трошок, докажувајќи дека жабата нема да биде поткована само затоа што го здогледала коњот во дворот на ковачот (наместо да се сврти кон разработка на модел кој поприродно ќе налегне на локалниот менталитет и навики на Градот, трошејќи ресурси, се „залепи“ за изворниот, неспоив со природата на локалните патувања, игнорирајќи ги струковните предупредувања и сугестии).

Човечкото око и уво се лажливи. Најчесто го ценат она што добро се одвива, а не што тоа навистина значи. И тоа е погрешно, бидејќи она што се одвива е само процес кој треба да доведе до одржлив резултат. Заводливоста на огледалцето кое ни вели дека сме најубави и најумни е искривена до мерка до која не можеме на правнуците да им оставиме полезен производ. Ставањето на проектите во офанзивна зона, а јавноста и стратегиите во зона на изолација колективниот механизам го слабее веќе во изохроната на синовите. Нагласената метрика помеѓу скопскиот сообраќај и еколошките ефекти кои ги произведува, која со години есенцира во статистики и декларации, не укажува на нешто друго (упорното мерење на загадувањето и шупливата еколошка декларативност не се „овновите“ со кои може да се пробие бедемот на градската сообраќајна политика, во која моторните возила се чувствуваат како преслечени и нахранети бебиња).

Градежниот дискурс може на сила да прерасне во платформа бидејќи кога еден системски сегмент ќе стане преоптоварен лесно може да се оди во изградба на друг, но тоа нема позитивно влијание на самото оптоварување. Пресинг со него се игра во присуство на напредно изградени „играчи“ (јавен градски превоз, велосипедски сообраќај, алтернативни превозни модели) па и тогаш градежните интервенции треба да се прифаќаат повеќе како нужно зло, наместо како безобразно експонирани панацеи. Речиси сè што во овој град се изнедри за последните десетина години, по својата суштина и ефекти оди во полза на автомобилскиот сообраќај. И во главите и на хартија и на терен. Скопскиот сообраќаен брод сè уште како да се врти во место, барајќи каде може да пристане. Тој мора да се лиши од своите тајни за тоа каде точно оди и како мисли до таму да стигне, бидејќи со нив ќе остане да пулсира налик на обичен административен податок.

***************************

Престојот на овој свет претставува премрежие од случајности, необјасниви врски и таинствени симболи од кои секој од нас се обидува да ја естрахира сопствената животна смисла. Следејќи ги знаците кои нему му се важни Вашиот автор одлучи да ја напушти крајно сомнителната метафизика на „нишанот“ од овој меридијан и паралела, која се обидува да го потопи. Разочарувањето и згаденоста од сè поголемиот број сè потешко видливи интерпункциски знаци во животната партитура го принуди на географска храброст при која белините на непознатото мирисаат попривлечно од аромата на родното и вроденото.

Старата персиска поговорка подучува дека кога кралот на пладне ќе каже дека е ноќ поданиците треба да се потрудат да гледаат ѕвезди. Вашиот автор, непогоден за слепо лепење на надворешни „вистини“, е принуден на отфрлање на конкубинатскиот однос со системот заснован на голтање и премолчување на она што нив им одговараше. Убиствениот промискуитет од полувистини и лаги, благодарение на кој многумина се снаоѓаа и комотно напредуваа, за мене претставува стапица исполнета со страв и неизвесност кои не можат да се проголтаат ниту во сопствената интима. Убеден сум дека таа вулгарна криенка може да се истрпи единствено ако се канализира во основен животен избор и се претвори во залог зад границите на овдешната исплатливост.11 'Belina na nepoznatoto'

Приказната вели дека, пресекувајќи го разговорот во текот на еден состанок на кој присуствуваа и надворешни лица, досегашниот градоначалник на Град Скопје го испраша Вашиот автор дали тој е „оној“ кој ги пишува „оние“ текстови. Следуваше прикриено предупредување да внимава бидејќи испаѓа како да ги пренесува во јавноста разговорите кои тој со своите раководители ги води на работното место. Воспитанието не ми дозволи надмудрување со работодавецот пред ушите на „надворешни лица“, но апсолутната констатација за која во тој момент единствено имаше место остана да лебди во воздухот: јас не правев репортажи од нивните спални соби, туку градба за текстовите црпев од разговори поврзани со прашања од широк јавен интерес,  па оттаму дилемата дали воопшто треба на нив да се повикувам кај мене не постои.

***************************

Со благодарност до целокупната редакција на „Порта 3“ за укажаната доверба и простор, ми беше чест да соработувам и да се дружам со група луѓе која размислуваше и делуваше слободно тогаш кога вербалната слобода во оваа земја во услови на демократија никогаш повеќе не наликуваше на крута бирократска процедура.

„Принудното молчење понижува, а доброволното… убива.“ – М. Данојлиќ, српски писател (прев. ав.).

крај

Испрати коментар

Scroll To Top