Предисториската наколна населба, локалитетот „Плоча-Миќов Град“ (Залив на коските) кај Градиште во Охрид, во текот на следниов месец ќе се истражува со нови софистицирани археолошки методи. За првпат ќе бидат применето дендрохронолошко датирање, така што ќе се анализираат дрвените колци од населбата, а воедно ќе се изврши и нивно ГИС мапирање со цел да се одреди точната позиција. На тој начин, ќе се утврди староста на секоја градба поединечно и прецизно ќе се одреди нивниот облик.
„Минатата година започнаа нови истражувања што ќе се надоврзат на претходните и ќе ги надополнуваат. На тој начин ќе се овозможи нова перспектива за времето во кое функционирала населбата, но и за нејзиниот изглед и за заедницата која егзистирала во неа. Покрај примената на нови археолошки методи, една од целите на овогодинешното истражување е приближувањето на археолошките проучувања и методи до пошироката јавност. Поради тоа секојдневно ќе има отворен јавен час на локалитетот во рамките на кој методите на истражување ќе им бидат презентирани на гостите. Тоа ќе овозможи сите заинтересирани љубители на минатото да се запознаат со процесот на истражување на една наколна населба, но и да дознаат повеќе за времето и начинот на живеење во предисторијата“, велат од Управата за заштита на културното наследство.
Како резултат на овој меѓународен проект кој се реализира во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата -Скопје, Универзитетот во Берн и Охридскиот музеј ќе се формира и дендрохронолошка лабораторија во Музеј на Македонија, во која обучени македонски стручњаци ќе ја применат оваа метода во повеќе сфери на материјалната култура, како што се археолошките артефакти и структури од дрво, средновековните икони, инструментите и покуќнината од измининатите два века итн.
Локалитетот „Плоча-Миќов Град“ потекнува од крајот на бронзеното време и почетокот на железното време. Населбата била активна во периодот околу 1000 години пред.н.е, односно пред 3.000 години. За разлика од останатите населби во овој период, каде што градбите се од камен или плитар, таа е изработена од масивни дрвени колци на кои се поставувале платформи за една или повеќе куќи.
Населението правело керамички садови за храната, а од овој материјал се изработувале и тегови користени за рибарските мрежи. Првите археолошки ископувања на овој локалитет се реализирани пред петнаесетина години кога се востановени неговите архитектонски карактеристики и обележјата на материјалната култура, врз што е направена реконструкција на локалитетот којашто и денес привлекува голем број гости.