Во Битола пуштени се во употреба новоизградените простории на НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“, нов корисен простор за читателите од 500 квадратни метри, за што Министерството вложи 30,5 милиони денари, и најави дека во завршна фаза е подготовката на законот за прогласување на старото градско јадро на Битола за културно наследство од особено значење.
НУ Универзитетска библиотека во Битола „Св.Климент Охридски“ годинава одбележува 70 години постоење, располага со фонд од над 600.000 книги и списанија и придонесува за стручната и научно-истражувачката дејност, истакна министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на денешниот промотивен настан во овој град.
– Со оваа инвестиција вредна над 30,5 милиони денари, издвоена од буџетот на Министерството за култура, заврши целосна надоградба на библиотеката, завршена е фасадата на стариот дел од библиотеката, и се обезбеди добро функционален простор за читателите со над 100 седишта, простор за преслушување музички изданија, како и простор за трибини, семинари и други манифестации со можност за симултан превод, – истакна Канческа Милевска.