Заха Хадид Архитекти објави детали околу својот предлог урбанистички план за настанот „Одеса Експо 2030“. Настојувајќи да ги испочитува барањата од организаторите на Експо 2030 за јужниот украински град, инженерскиот тим претстави шема составена од „демонтирачки“ и „трансформабилни“ павилјони по завршувањето на настанот.
„Идната визија за урбан развој во Украина ќе доживее фундаментална трансформација на економијата на земјата кон енергетската ефикасност и технологиите кои при функционирање ги контролираат штетните емисии на јаглерод“, рече тимот. „Решението на Заха Хадид Архитекти за Одеса Експо 2030 има за цел ефективна повторна употреба на сите објекти по затворањето на изложбата, предизвик кон кој тежнеат сите саемски манифестации ширум светот; Креирање на Експо на иднината каде ниеден ресурс не се троши“.
Сместено на поранешно обработливо земјиште блиску до центарот на градот, предложената изложбена поставка е закотвена со главна оска која ќе обезбеди пристап до низа национални павилјони кон југ и крајбрежен еко парк на север. Во срцето на урбанистичкиот зафат ќе бидат четири централни павилјони кои, кога ќе се комбинираат со националните павилјони, ќе обезбедат над 860.000 квадратни метри изложбен простор.
По завршувањето на настанот, националните павилјони треба да се демонтираат и повторно да се користат како институционални капацитети низ Украина, додека самата локација повторно ќе ја врати својата првична функција како дел од крајбрежниот еко-парк. За да го помогне овој пристап, изложбата ќе им обезбеди на нациите флексибилен, модуларен „комплет на делови“ за изградба на нивните павилјони, формирани од рециклирани материјали и отпадоци.
„Пристапот за проектирање и изведба на националните павилјони на претходните изложби често резултираше со значително зголемени трошоци и време, заедно со зголемените емисии на јаглерод и намалена флексибилност за каква било идна реупотреба“, појаснија од Заха Хадид Архитекти. „Овој флексибилен модуларен систем ќе им обезбеди на нациите-учеснички многу различни опции за дизајнирање на нивниот павилјон користејќи практични, креативни и погодни за посетители принципи кои ќе ѝ овозможат на секоја нација индивидуално да ја реинтерпретира сеопфатната тема на Одеса Eкспо 2030 преку уникатниот културен израз на нивната земја.