Минатата година британската фирма Zaha Hadid Architects платила 3,4 милиони фунти за користење на името на својот основач Заха Хадид (1950 – 2016), со што вкупната сметка за таа намена во последните пет години порасна на над 11,9 милиони фунти.
Ова е највисоката годишна давачка досега, бидејќи ZHA платила околу 2,8 милиони фунти за истата намена во претходните две години, 780.000 фунти во 2018 година и 2,3 милиони фунти во 2017 година.
Износ што го одразува значителниот раст на фирмата
Од оваа архитектонска пракса, која плаќа надоместок за лиценцирање на името на фондацијата Заха Хадид, велат дека наплатената сума е поврзана со прометот и дека тоа „го отсликува нашиот значителен раст во последните години“, пишува Building Design.
Последните сметки на ZHA покажуваат дека добивката на компанијата пред оданочување тројно се зголемила на речиси 9 милиони фунти, додека прометот достигнал 60,9 милиони фунти во годината до април 2021 година.
Портпаролот на ZHA изјави дека „нема планови“ да се исфрли името на Хадид од праксата што ја основала во 1979 година, и покрај тоа што документите од Високиот суд од 2019 година откриваат дека двете страни се согласиле на таков потег откако избувна жестока расправија по нејзината смрт во 2016 година.
Расправата заврши на Високиот суд поради бројните обвинувања дека секоја страна се обидува да го контролира нејзиното наследство.
Меѓутоа, документите што се доставени до владината агенција Companies House во последните неколку недели покажуваат дека завојуваните страни презеле голем број чекори за имплементација на нова структура за компанијата, како што е наведено во пресудата на судијата од ноември 2020 година.
Zaha Hadid Limited (ZHL), како што гласи официјалното име на праксата, ставена е под контрола на даночно ефикасен труст за бенифиции на вработените (EBT) во декември. Целиот профит ќе биде реинвестиран во корист на 500 вработени, изјави портпаролот.
Поранешната матична компанија на ZHL, Zaha Hadid Holdings (ZHH), додала 6,3 милиони фунти акционерски капитал во праксата на 8. декември пред да ја предаде „значајната контрола“ на новиот ентитет наречен Studio 9 Employee Benefit Trust Ltd.
Регистриран во 2018 година, трустот го доби името по студиото лоцирано на историската адреса на ZHL во лондонски Клеркенвел, кое фирмата го напушти минатата година поради пандемијата, а имаше дури и шпекулации дека Studio 9 може да стане новото име на познатото архитектонско биро.
За попристапна и порамноправна професија
Во соопштението во кое е најавен EBT, од праксата велат: „Непоколебливиот оптимизам на Заха за иднината и вербата во моќта на пронајдокот се вградени во ДНК на архитектонската пракса што таа ја основаше и великодушно им ја подари на оние кои и помогнаа да ја создаде – на сите наши вработени“.
Кажано е дека независните и транспарентни организациски системи и структури „ќе ги негуваат вештините и различноста што го поттикнуваат нашето носење одлуки и ќе му дадат глас на секој член на нашиот тим во обликувањето на нашата иднина“.
Од ZHA изјавија дека очекуваат дека овој потег ќе генерира нови идеи и ќе инспирира поголема употреба на технологијата, додавајќи: „Помладите генерации архитекти бараат нашата професија да стане подостапна и порамноправна“.