Активноста на вулканот предизвикува загриженост во Еквадор. Минатата седмица вулканот исфрлал пепел и чад до височини од дури 10 километри. Експертите зборуваат за експлозија која траела цели пет минути. Вулканот Тунгурауа се наоѓа на 130 километри јужно од главниот град на Еквадор, Кито. Засега, концентрацијата на чад во воздухот не е опасна.
Вулканот, чие име во превод значи „огнено грло“, има засилена активност уште од февруари. Од серија експлозии, облак од чад стигна до Кито. Во непосредната околина на вулканот има голем број села. Дел од улиците се затворени, а спасувачките екипи во регионот се ставени во состојба на зголемена готовност, пишува весникот „Ел Комерсио“. Тунгурауа е еден од осумте вулкани во Еквадор кој се наоѓа на т.н. Пацифички огнен прстен. Во пределот на вулканскиот појас, кој има форма на потковица околу Пацификот, се судираат неколку континентални и океански плочи. Тие се во постојано движење, поради што земјотресите не се реткост.