Насловна / Вести / Загревањето на домаќинствата најважно за намалување на загадувањето

Загревањето на домаќинствата најважно за намалување на загадувањето

Програмата на Владата за намалување на аерозагадувањето има план да го намали во Скопје до 50 отсто, додека во другите градови коишто се жртви повеќе од некои други намалувањето е меѓу 30 и 50 отсто.

Според заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули број еден загадувач е загревањето на домаќинствата, потоа следат сообраќајот и индустријата.

Основно начело на планот за чист воздух е справување, односно спречување на изворите на загадување. Програмата за намалување на аерозагадувањето ќе се реализира преку неколку приоритетни компоненти и тоа мониторинг што подразбира комплетна замена на сите инструменти во 18 мониторинг станиците и примена на современи математички модели за моделирање и соодветно предвидување на аерозагадувањето, потоа зачестени инспекциски контроли, јавни кампањи, законски измени и справување со изворите на загадување од домашното затоплување: транспорт, индустрија, градежништво, урбано зеленило и отпад.

plan za cist vozduh

“Десет илјади домаќинства ќе бидат приклучени на постојниот топлински оператор, топловодната мрежа ќе биде проширена, а врз основа на анализата која што ја направивме, ДДВ-то на испорачана топлинска енергија ќе го намалиме од 18 на 5 отсто. Понатаму, 20 илјади домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15 илјади домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, три илјади домаќинства ќе бидат приклучени на гас, 20 илјади ќе набават инвертер клима уреди за затоплување, а две илјади домаќинства од ранливите категории граѓани субвенционирано ќе го променат начинот на греење. После две години нема да има ниедно домаќинство кое ќе се грее на јаглен, нафта или кокс“, нагласува Макрадули.

DSC04320

Дел од останатите мерки кои се предвидуваат во планот за чист воздух се и измени на законот за возила, субвенции за набавка на електрични и хибридни возила, субвенции за вградување на уреди кои користат нафтен или земен гас, воведување посебен зимски режим на сообраќај во деновите кога загадувањето е повисоко, воведување пилот училишни автобус, измени во законот за индустриски емисии, транспарентно објавување на сите компании со валидни А и Б дозволи, итна реализација на планот за зазеленување со средствата од компензацијата за изградбата на гасоводот на Водно, редизајнирање на јавни запуштени простори, зајакнати контроли на градежните активности, инспекциските контроли нема да се делат по надлежност, туку по акција, воведување на втора смена на инспекциските служби и подигнување на јавната свест за штетноста од греење на јаглен.

Дополнителен бенефит од исполнувањето на овие мерки и активности во борбата за намалување на аерозагадувањето, како што посочува Макрадули, ќе биде исполнувањето на целите од Парискиот договор, односно намалување на стакленичките гасови, зголемување на процентот на објекти од енергетска ефикасност и зголемено користење на обновливи извори на енергија.

Макрадули, најави дека уште следниот месец ќе почнат преговорите за заокружување на оперативниот план за активностите за добивање на А интегрирана дозвола во иднина за најголемиот комбинат РЕК Битола. Тој истакна, исто така, дека со поставување на мрежи ќе се собере пластиката од реката Вардар, како и дека ќе продолжи активноста „едно капаче една надеж“. Дел од активностите, како што рече Макрадули ќе бидат финансирани и од меѓународни институции, а кон крајот на годината за прибирање на дополнителни средства ќе биде организирана и донаторска конференција.

Исто така, Макрадули посочува дека разликата меѓу овој План за чист воздух и сите претходни, е што сега станува збор за владина програма со конкретни мерки и бројки, на чијашто реализација ќе работат сите засегнати државни институции, надлежни министерства, единици на локалната самоуправа, како и граѓанските организации.

За оваа намена прв пат се издвојуваат посебни буџетски средства исклучиво за намалување на аерозагадувањето. Начинот на финансирање на активностите е почетен посебен фонд од 1,5 милиони евра и овие средства се дополнителни, покрај оние што постојат за различни активности на различни министерства поврзани со заштита на животната средина во висина од 20 милиони евра

 

Испрати коментар

Scroll To Top