Ноќевање во вагон, во спална кола на колосекот на Главната железничка станица во Загреб, со целата потребна инфраструктура на еден хостел, веројатно за многумина е посебно доживување. Кога кон тоа ќе се додаде и пристапната цена, како и близината на туристичкото средиште на Загреб, тогаш навистина се работи за оригинален проект, кој е прв од ваков вид не само во Хрватска туку и пошироко.
Проектот “Adriatic Train Hostels” нуди сместување во вагони – хостели на колосеци кои не се во употреба. Се работи всушност за иновативна идеја на авторот на проектот и сопственик на истоимената компанија, кој токму покрај железничката станица го поминал своето детство. Идејата е препознаена од страна на Министерството за туризам кое обезбедило субвенции за реализација на проектот. Вагонот – хостел на Главната железничка станица во Загреб ги задоволува сите пропишани услови за хостел, а се планира отворање на уште два вакви вагони на истата станица. Дополнително, по три нови хостели од овој вид ќе бидат отворени на станиците во Сплит, Шибеник, Задар, Риека и Пула. Мора да се пофали и одрживоста на овој концепт, со оглед на фактот што се работи за стари, користени и истрошени вагони кои инаку би завршиле како старо железо, но оваа идеја им вдахнува нов живот.
Предноста на овие хостели е што се наоѓаат во самиот центар, буквално на триесетина метри од меѓународните железнички линии, а доволно блиску до јавниот превоз и центарот на градот со сите свои знаменитости. Вагонот – хостел во Загреб е типичен вагон – спална, односно т.н. VL вагон кој до пред 5-6 години редовно сообраќал на релацијата Љубљана – Сараево- Скопје, но векот на траење на вагонот веќе истекол. „Ова е идеално место за ноќевање за патникот кој продолжува со патувањето веќе наредниот ден, или сака да остане на неколку дена во градот. Првенствено е наменет за младите, а цените за ноќевање се движат од 12,5 до 35 евра во зависност од условите кои се нудат“, велат од “Adriatic Train Hostels”.