Како што се наведува на порталот UN Environment, прелиминарните наоди на извештајот „Загадувањето ан воздухот и здравјето на луѓето: Случајот на Западен Балкан“ покажуваат дека вкупниот број на предвремени смртни случаи, кои директно можат да се припишат на загадувањето на воздухот во 19 градови од регионот, е речиси 5.000 годишно. Притоа, во седум од испитаните градови, загадувањето на воздухот е одговорно за најмалку 15% предвремени смртни случаи годишно, додека во Тетово тој удел е највисоки 19%. Покрај Тетово, анализирани се и следните градови: Корча, Бања Лука, Брод, Приједор, Сараево, Тузла, Зеница, Бар, Никшиќ, Плевља, Подгорица, Тиват, Битола, Скопје, Белград, Панчево, Ужице и Ваљево. Влијанието на загадувањето на воздухот врз здравјето на луѓето е пресметано преку користењето на софтверот AirQ+, развиен од страна на Светската здравствена организација (СЗО). Се проценува дека бројот на смртни случаи би бил многу поголем доколку во истражувањето биле достапни сите релевантни податоци.
Во просек, луѓето кои живеат на Западниот Балкан губат и до 1,3 години од животот поради загадувањето на воздухот. Нивоата на цврсти честички – кои потекнуваат од прашина и чад, и имаат големо влијание врз развојот на кардиоваскуларните болести – се над 5 пати повисоки од препорачаната вредност на СЗО, се истакнува во извештајот.
Како главни извори на емисија на цврстите честички се посочува греењето на домаќинствата и термоцентралите кои користат јаглен. Над 60% од населението во Западен Балкан користи цврсти горива, како јаглен и огревно дрво, за загревање на своите домови, а само 12% од објектите се приклучени на системите за далечинско греење (централни топлификациски системи).
Затоа, решенијата за намалување на загадувањето на воздухот мора да вклучуваат мерки за ублажување на енергетската сиромаштија. Имено, просечните трошоци на домаќинствата за енергија во Србија, Црна Гора, Косово, Македонија и Албанија се исти или повисоки од границата на енергетската сиромаштија. Според тоа, неопходни се нови извори за затоплување на домаќинствата, како и мерки за забрана на старите возила и воведување на почисти алтернативи за транспорт.
Студијата е направена со поддршка на Владата на Норвешка.