Квалитетот на воздухот во Европа се подобрува, но и натаму загадениот воздух претставува висок ризик бидејќи изложеноста на т.н фини честички довела до најмалку 238.000 предвремени смртни случаи во Европската унија во 2020 година, се вели во соопштението на Европската агенција за животна средина (EEA). За жал, загадувањето на воздухот е идентификувано како најголема опасност по здравјето на луѓето во Европа.
„Емисиите на основните загадувачи на воздухот и нивните концентрации во амбиенталниот воздух, значително паѓаат во последните дваесет години, но квалитетот на воздухот и натаму е многу лош во многу области во Европа“, пишува во соопштението. Во периодот помеѓу 2005 и 2020 година, бројот на предвремени смртни случаи поради изложеноста на PM честичките во ЕУ паднал за 45%, што е во согласност со Акцискиот план за намалување на загадувањето до 2030 година. Иако овие бројки ветуваат, дури 96% од урбаната популација на ЕУ во 2020 година и натаму била изложена на нивоа над пропишаните од страна на Светската здравствена организација.
Долготрајното изложување на штетните честички од воздухот ги ослабува белите дробови, а ја влошува и состојбата кај лицата кои имаат кардиоваскуларни заболувања, додека болестите на срцето и мозочниот удар се наведуваат како најчети причинители на предвремените смртни случаи. Неодамна, Европската комисија предложи воведување на построги правила за загадувачите на воздухот. Со предложените нови мерки, бројот на смртни случаи предизвикани со високите ннивоа на главниот загадувач PM2,5 ќе се намали з аповеќе од 75% во наредните 10 години, се соопшува на сајтот на Европската комисија. Земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, со години имаат прекумерна концентрација на PM честички и други опасни материи во воздухот. Тоа резултира во 30.000 предвремени смртни случаи во регионот на Западен Балкан на годишно ниво.