Насловна / Вести / Загадувањето на воздухот го зголемува ризикот од автоимуни болести

Загадувањето на воздухот го зголемува ризикот од автоимуни болести

Истражувачите од Универзитетот во Верона, откриле дека долготрајната изложеност на загадувачи од сообраќајот и индустријата, поврзана е со приближно 40% поголем ризик од ревматски артристис, 20% поголем ризик од инфламаторни болести на дигестивниот тракт, како Кроновата болест и улцерозниот колитис и 15% поголем ризик од болести на врзивното ткиво како лупус. Аерозагадувањето е предизвикано од емисиите од термоцентралите, индустријата и сообраќајот,  при што може да се покрене адаптивниот имунитет кај човекот. Понекогаш тој адаптивен одговор е погрешен, па предизвикува појава на автоимуни болести.

airpollution1

Студијата ја анализирала просечната долготрајна изложеност на честички од типот PM10 и PM2.5. Податоците за квалитетот на воздухот се добиени од  617 мерни станици во 110 италијански региони. Пронајдена е поврзаност на долготрајната изложеност на PM10 во концентрации над 30 микрограми по кубен метар и PM2.5 над 20 микрограма по метар кубен, со порастот на дијагнозите на автоимуни болести за 12, односно 13 проценти.  Студијата е објавена во часописот PMD Open, и ги земала во предвид сеопфатните медицински информации за 81,363 мажи и жени од италијанските бази на податоци, за периодот од јуни 2016 до ноември 2020 година, Кај 12% од испитаниците, токму во тој период била дијагностицирана некоја автоимуна болест.

airpollution2

 

Сепак, авторите ги толкуваат резултатите со резерва. Тие истакнуваат дека ова е опсервациона студија и како таква не може прецизно да ги утврди причините, бидејќи постоеле и одредени ограничувања кои влијаеле на резултатите. Помеѓу нов е недостатокот на информации за датумите за почетокот на симптомите на автоимуните болести, потребата од поголем и посеопфатен примерок и сл.

Досега се објавени над 70.000 научни трудови кои покажуваат дека загадувањето на воздухот влијае врз нашето здравје. Со сеопфатни научни анализи докажано е дека аерозагадувањето влијае на деменцијата, болестите на срцето и белите дробови, предизвикува проблеми со плодноста, дијабетес, функционирањето на црниот дроб, негативно влијае на менталните процеси и ја намалува интелигенцијата. Според податоците на Светската здравствена организација, над 90% од глобалната популација е изложена на токсичен воздух, а тој е одговорен за над 8 милиони предвремени смртни случаи годишно.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top