Со Софиската декларација од ноември 2020 година[1], земјите од т.н. Западен Балкан се обврзаа на имплементација на активностите вградени во петте столба од „Зелената агенда“ (I. Клима, енергија и мобилност; II. Циркуларна економија; III. Деполуција на воздух, вода, почва; IV. Одржливо земјоделие и производство на храна; V. Биодиверзитет)[2],[3],[4],[5]. Во рамки на првиот столб, во фокус се енергетската ефикасност, транзицијата кон обновливи извори на енергија на сметка на класичните, т.е. постапно укинување на фосилните горива, како сериозни загадувачи, и нивна замена со обновливи и/или алтернативни извори на енергија, од една страна, и намалување на потребата за енергија преку примена на мерки за енергетска ефикасност (во согласност со Европската директива за енергетска ефикасност[6]), од друга.
Ваквиот пат, се разбира, е неминовност. Сепак, во центарот на овие промени треба да биде благосостојбата на граѓанинот, бидејќи само на тој начин транзицијата кон „позелен“ и поодговорен кон животната средина начин на битисување, ќе биде одржлива, прифатлива и праведна. Во спротивно, зборот „транзиција“ ќе се поврзува со истата горчина и непопуларност, стекната на преминот од еднопартискиот во повеќепартискиот систем на нашиве простори во текот на неправедната приватизација на општественото добро.
На крајот на јуни 2021, јавноста се разбранува од потегот на Владата на Република Македонија за воведување т.н. „еколошка“[7] такса на горивата[8]. Според предлогот, „еколошката“ такса нема да биде еднаква за сите горива. За дизелот, екстра лесното масло и мазутот таа ќе изнесува 3,5 денари/литар (или кг соодветно), односно 4,13 денари со пресметан ДДВ. Додека пак за безоловниот бензин, „еколошката“ такса ќе изнесува 3,1 денари за литар без пресметан ДДВ. Пресметките се дека, годишно, по овој основ, во буџетот ќе се обезбедат дополнителни приливи од над 50 милиони евра[9]. Оправдано или не, Законот во Собранието ќе добие и европско знаменце[10],[11],[12], поради што, опозицијата најави и блокади на донесувањето на законот.[13]
Според Законот за животна средина[14], член 184 (Висина на надоместоци за нафтени деривати) и во моментов се пресметува „симболична“ „еколошка“ давачка за горива, која се движи од 0,03 денари/литар кај дизелот до 0,08 денари/литар кај бензините. Определувањето на оваа такса на постоечкото ниво, долго време е еден од клучните фиксни фактори, цените на горивата кај нас да се држат на пониско ниво споредено со други држави од регионот, а особено со Европската Унија. Но, веднаш се поставува прашањето дали со оваа такса се опфатени сите фосилни горива кои се увезуваат во земјата? За жал, одговорот е не!
Загрижувачки, но еден од најголемите загадувачи – нафтениот кокс (рус. нефтяной кокс, анг. petroleum coke, разг. петрол-кокс, пет-кокс и сл.) не е опфатен со предлогот. Според јавнодостапните податоци од Интегрираните еколошки дозволи[15], во земјава повеќе компании користат нафтен (петрол) кокс: УСЈЕ Цементарница Скопје, Нова Слога 2007, Ресен, АД ИГМ Еленица Струмица, ТД ИГМ Џумајлија, Лозово и др.
Петрол-коксот[16],[17],[18] е високозагадувачка материја (повеќе од мазутот) со високи концентрации на сулфур во опсег од 4,5 до 8 % (горната дозволена граница за мазут е 1 %), летечка пепел: 0,9 ‐ 1,53 % (горната дозволена граница за мазут 0,1 %), ванадиум: 500 ‐ 2.000 ppm (за мазут 120 ppm), содржина на тешки метали: никел (токсичен) 510 ppm, манган 40 ppm[19]. За споредба, во согласност со законите во еден од нашите соседи, член на Европската Унија (ЕУ), Р Грција17, дозволените типови горива за индустриските инсталации се следните: дизел, мазут, втечнет природен гас и природен гас. Можноста за дозвола за користење петрол-кокс од страна на некои инсталации е регулирана т.е. тие може да побараат дозвола за користење, но притоа, мора да понудат детално објаснување (како пример може да се посочат компании за производство на тули во Лариса). Искуството покажало дека, и покрај оваа пракса за добивање дозвола од надлежните за користење на наведените видови горива, граѓаните имале голема реакција против дозволата на инсталацијата да користи петрол-кокс.
Клучните прашања на кои овој осврт се обидува да даде одговор, се:
- дали со ваквиот предлог од Владата, товарот ќе биде рамномерно распореден – т.е. оној што загадува повеќе, да плати повеќе – и
- дали собраните средства од вака дефинираните „еколошки такси“ ќе се трошат наменски и под кои критериуми ќе биде тоа трошење?
Одговорот на првото прашање веќе се наговестува со фактот дека согласно предлогот од Владата, со „еколошката“ такса не е предвидено опфаќање на петрол-коксот. Значи, примарното начело кај „ еколошките“ даноци – т.е. тие да бидат насочени кон загадувачот или кон неговото однесување/работење/менаџирање со постројката која загадува (а во согласност со начелата за заштита на животната средина од Законот за животна средина, член 9, т.е. „загадувачот плаќа“ [20]), не е исполнето. Во Законот за животна средина, овој член предвидува дека „загадувачот е должен да ги надомести трошоците за отстранување на опасноста од загадување на животната средина, да ги поднесе трошоците за санација и да плати правичен надомест за штетата причинета врз животната средина, како и да ја доведе животната средина, во најголема можна мера, во состојба како пред оштетувањето“.
Одговорот на второто прашање е испреплетено со второто клучно начело кај „еколошките“ даноци, а тоа е, предвидената даночна стапка да биде сразмерна со штетата нанесена врз животната средина и врз здравјето на луѓето, односно даноците мора да бидат веродостојни, целисходни, а собраните средства да се користат наменски, односно стапката на „еколошките“ даноци мора да биде оправдана, јасно образложена и резултат на јавна дебата со сите засегнати страни.
Јасно е дека брзањето во донесувањето на овој закон, надополнето со скратување на постапките за негово донесување во Собранието на РМ преку примената на т.н. европско знаменце, никако не помага во насока на образложувањето и отворањето јавна дискусија околу содржината и оправданоста на еден ваков закон, особено не во услови на светска пандемија од CoViD-19, економска криза која е резултат на пандемијата, и помалку од 6 месеци од следните локални избори. Имено, иако оправданоста од воведувањето на ваква такса генерално не е спорно, Владата не се потруди конкретно и детално, да ги изрази екстерните трошоци од употребата на фосилните горива кај нас, пред да испроектира дополнителен годишен прилив од над 50 милиони евра во буџетот собрани од новопредложената „еколошка“ такса.
Наместо усогласување со граничните вредности на емисиите на индивидуална основа, за регулирање на емисиите од големите постројки за согорување (вкупно осум – термоелектраните во РМ и скопските топлани), Македонија има усвоено т.н. Национален план за намалување на емисиите (анг. National Emissions Reduction Plan – NERP). Сепак, во последниот годишен извештај на Енергетската заедница (ЕЗ) за напредокот на договорните страни[21],[22], нотирано е дека согласно NERP, во однос на емисиите од сулфур диоксид (SO2) и прашина, Македонија неколкукратно гo надминала т.н. плафон. Како позитивна забелешка е фактот дека во однос на емисиите нa азотни оксиди (NOx), таа е во рамките на дозволеното и предвиденото. Дополнително, во Извештајот се нотира дека земјата платила директни субвенции во вредност од 1,6 милиони евра за поддршка на производството на електрична енергија базирано на јаглен.
Ваквите ставови искажани во Извештајот од ЕЗ, но и реалната ситуација на терен, укажуваат дека всушност Владата нема изградено конзистентност во однос на политиките поврзани со превенција и намалување на загадувањето, туку реагира некако хаотично и кампањски или како резултат на санкции, ургентни потреби од прилив на свежи пари во буџетот и сл. На пример, некои компании од преработувачката индустрија (металургија, цементна индустрија) добија повластен статус во врска со акцизата на нафтен кокс, по што следува период на драматичен пораст на увозот и потрошувачката на овој енергент. Според податоците од Државниот завод за статистика, потрошувачката на нафтен кокс била 36.226 t во 2018 година, 57.079 t во 2019 година и 135.110 t во 2020 година. Друг пример за недоследност во политиките се однесува на имплементацијата на стратешките документи, а е поврзан со концептот на создавање т.н. „Зелени индустриски зони“. Иако во 2018 година, е донесена Стратегијата за индустриски развој која ја потенцира важноста од катализирање на зелената индустрија како прв приоритет, соодветниот акциски план, за жал, не се имплементира согласно предвидената динамика. Постои и Закон за зелени индустриски[23] зони од 2013 година, но до денес во земјата нема ниту една зелена индустриска зона[24]. Значи, од една страна, се доцни со трансформацијата на индустријата во насока на почисто производство и намалување на загадувањето, а од друга страна загадувачите се толерираат, и дури се субвенционираат (директно или индиректно, јавно или прикриено).
Во ЕУ и во светот, ваквите давачки не се новост. Но, средствата собрани по овој основ, се трошат плански, наменски, транспарентно и рационално. На пример, во 2019 година, државите членки на ЕУ оствариле приходи од „еколошки“ даноци во висина од 330,6 милијарди евра, односно 2,4 % од БДП на ЕУ и 5,9 % од нивниот вкупен приход од даноци и социјални придонеси. 77,9 % од овие приходи доаѓаат од даноци на енергија во кои се вклучени такси на моторни горива. За споредба, екоданоците за транспорт учествуваат со 18,9 %[25].
Според законите за животна средина, за управување со отпад, за води и за заштита на природа, во Македонија, на име „еколошки“ такси, се наплатуваат надоместоци по различни основи. Најголемиот дел од нив завршуваат во централиот буџет на државата, а многу помал дел се прибира на сметката во Mинистерството за животна средина, на пр. надоместоците наплатени при регистрацијата на возилата и таксите од интегрираните еколошки дозволи. Тоа се целосно наменски средства за кои, секоја година, се објавува Програма за инвестирање во животна средина[26], при што се спроведува конкурс за распределување на средствата за финансирање и реализирање програми, проекти и други активности кои се од областа на животната средина[27]. Од друга страна, во државниот буџет од „еколошки“ такси се влеваат над 280 милиони денари или околу 4,6 милиони евра, за кои, јавноста нема транспарентна информација дали тие се трошат наменски (за проекти за унапредување и заштита на животната средина) или се влеваат во морето давачки собрани по основ на секакви буџетски приливи. „Еколошката“ такса платена минатата година за производство на енергија од фосилни горива била над 20 милиони денари[28], од кои, најголемиот дел се уплатуваат на сметката на Општина Новаци (РЕК Битола е лоцирана на територијата на оваа општина). Неодамна, оваа општина се прослави по фактот дека на национално ниво, е рекордер по потрошени средства за јавни набавки по жител[29],[30], но на сајтот на Општината, нема јавна информација колку средства се собрани од споменатата еколошка такса и за какви проекти, односно инвестиции, се потрошени собраните средства по овој основ.
Владата се повикува на „Зелената агенда“: „Еколошката такса е наш одговор за грижата за животната средина и на повикот на граѓаните да преземеме мерки во однос на ова важно прашање, и затоа сите пари прибрани од оваа такса ќе одат во Еколошкиот фонд кој ќе ја помогне праведната транзиција од фосилните кон енергенсите од обновливи извори на енергија. Оваа мерка никој не би ја донел во време на изборна година и треба граѓаните да знаат дека влијанието на оваа мерка нема да биде поголемо од 0,07 %. Со падот на цената на нафтата на светските берзи се анулира висината на акцизата од 3 денари која ја воведовме заради ублажување на последиците од Ковид-19 и со тоа навистина не се очекува поголемо влијание на цената заради еколошката такса“[31], вели премиерот Зоран Заев. Но, тука се поставува уште едно прашање, зошто прво не е формиран Фондот за заштита на животната средина (кој патем е дел од изборните програми на сите поголеми политички партии во државава), па потоа да се воведуваат разни еколошки такси? Владата уште во својата Програма за работа за периодот 2017 – 2020 година (т.е. претходната влада, но со истите коалициски партнери) на стр. 49[32], во делот од Програмата наменет за заштита и унапредување на животната средина и природата, најави дека ќе се формира Фонд за животна средина: „Владата ќе формира Фонд за животна средина, како гаранција дека средствата добиени од такси за животна средина, ќе бидат наменети за проекти за подобрување на квалитетот на медиумите во животната средина, а нема да се користат за комодитет на администрацијата“. Но, тука се поставува прашањето, зошто со Законот за животна средина од 2005, Фондот за заштита и унапредување на животната средина престана со работа, а неговите вработени, прераспределени соодветно по администрацијата (член 220) за во следните изборни циклуси, без оглед на политичките провениенции, претендентите за државната власт „со големи фанфари“, да најавуваат формирање на строго наменски „еколошки фонд“.
Кога се отвора прашањето на фондови, дали можеби не треба да се примени современиот интегриран пристап кон собирањето средства и нивната распределба во согласност со испреплетеноста на секторите кои загадуваат и оние кои се погодени од тоа загадување, т.е. земање предвид на интегрираната рамка на Целите на одржлив развој[33], наспроти едностраниот и сегрегиран пристап презентиран и во партиските програми предизборно, но и во владините програми постизборно, без оглед за која политичка опција станува збор? Впрочем, парадигмата на одржливиот развој е проткаена во сите пет столба врз кои е заснована „Зелената агенда“ на која се повикуваат политичките претставници.
Според претходно изложеното, се наметнува заклучокот дека, ако конечно се сака да се стави ред во оваа сфера, која треба да резултира од принципот „загадувачот (треба да) плаќа“, работите мора да се дефинираат транспарентно и многу прецизно, т.е. да се знае кој, како и колку загадува (инвентаризација на загадувачите), соодветно на тоа, кој и колку треба да плаќа, чинителите (загадувачите и корисниците) да знаат зошто мора да плаќаат, и притоа, да се имплементира транспарентност и во собирањето и во трошењето на собраните средства по основ на т.н. „еколошки такси“? Во спротивно, јавноста оправдано ќе се сомнева дека вистинскиот мотив за секоја нова буџетска давачка, па макар тоа било под превезот на „Зелената агенда“, всушност не е заштитата на животната средина, туку едноставно станува збор за проширување на „комодитетот на администрацијата“.
Автор: Aна М. ЛАЗАРЕВСКА, редовен професор
[4] https://mk0eeborgicuypctuf7e.kinstacdn.com/wp-content/uploads/2020/12/Green-Agenda-Summit-Civil-Society-Statement-09Nov2020-003.pdf
[6] https://ec.europa.eu/energy/topics/energy-efficiency/targets-directive-and-rules/energy-efficiency-directive_en
[7] Заб. авт. Широкораспространетата придавка (термин) „еколошки/а/о“ во секојдневната употреба, често се пременува погрешно, наместо англиската придавка „environmental“ која пак одговара на македонскиот термин „околински/а/о“ или за животна средина (од вториот нема изведено придавка) – најверојатно токму поради непостоењето изведена придавка од синтагмата „животна средина“. Од тие причини, во текстот се користат знаци на наводи.
[8] https://vlada.mk/node/25685 од 23.6.2021
[9] https://www.dw.com/mk/%D0%B3%D1%80%D0%B0%D1%93%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BE%D0%B4-1-%D1%98%D1%83%D0%BB%D0%B8-%D1%9C%D0%B5-%D0%BF%D0%BB%D0%B0%D1%9C%D0%B0%D0%B0%D1%82-%D0%B5%D0%BA%D0%BE%D0%BB%D0%BE%D1%88%D0%BA%D0%B0-%D1%82%D0%B0%D0%BA%D1%81%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%BD%D0%B0%D1%84%D1%82%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B8-%D0%BF%D0%BE%D0%BC%D0%B0%D0%BB-%D0%B4%D0%B0%D0%BD%D0%BE%D0%BA-%D0%BD%D0%B0-%D1%81%D1%82%D1%80%D1%83%D1%98%D0%B0/a-57909358
[10] https://plusinfo.mk/na-vladata-se-brza-zakonot-so-ko-se-zgolemuva-ekoloshkata-taksa-dobi-evropsko-znamence/
[11] https://telma.com.mk/2021/06/28/%D0%B5%D0%BA%D0%BE%D0%BB%D0%BE%D1%88%D0%BA%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D1%82%D0%B0%D0%BA%D1%81%D0%B0-%D1%9C%D0%B5-%D1%81%D0%B5-%D0%BD%D0%BE%D1%81%D0%B8-%D0%B2%D0%BE-%D1%81%D0%BE%D0%B1%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B8/
[12] https://www.slobodenpecat.mk/ekoloshka-taksa-za-da-nema-czenoven-shok-parite-da-se-sobiraat-tri-godini/
[14] Сл. весник на РМ, бр. 53, 5 јули, 2005, стр. 45, https://www.slvesnik.com.mk/Issues/ACF1AC118E6F81438BE8DD53D5A613F0.pdf,
[19] http://airquality.moepp.gov.mk/airquality/wp-content/uploads/2012/03/Komparativna-analiza-za-akciza-na-mazut-i-petrol-koks.pdf?fbclid=IwAR0tS5guOdW4V5zbyNDF9sMH4GDRptr5YocpuqT475IRtKOCmB_FCqxZjXs
[20] Закон за животна средина, дел II Начела за животната средина, член 9, Сл. весник на РМ, бр. 53 од 5 јули, 2005, стр. 5.
[21] https://author.energy-community.org/enc-author-prd/dam/jcr:6322be0c-0fd8-41d3-bde5-c5b1cb8b2dc4/EnC_IR2020_North_Macedonia.pdf
[22] https://author.energy-community.org/enc-author-prd/enc/implementation/North_Macedonia.html
[23] Сл. весник на РМ, бр. 119 од 29 август, 2013, стр. 32, https://www.slvesnik.com.mk/Issues/b0a313718d944b99bb3998adbd53282b.pdf
[24] https://balkangreenenergynews.com/newsletter/2015/july/Analiza%20naodi%20i%20reporaki%20za%20industriski%20zeleni%20zoni%20MK.pdf
[25] https://ec.europa.eu/eurostat/statistics-explained/index.php?title=Environmental_tax_statistics_-_detailed_analysis#Evolution_of_environmental_tax_revenue_in_Europe_between_2002_and_2019
[26] Во 2019 средствата биле во износ од 5.100.000,00 денари (https://dejure.mk/zakon/programa-za-unapreduvanje-na-zhivotnata-sredina-za-2019-godina), додека во 2021 со конкурсот се номинираат и се доделени 65.000.000,00 (според извори од Владата https://vlada.mk/node/24905), или 98.000.000,00 денари (според https://dejure.mk/zakon/programa-za-investiranje-vo-zhivotnata-sredina-za-2021-godina)
[27] https://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2020/04/%d0%a0%d0%b5%d0%b7%d1%83%d0%bb%d1%82%d0%b0%d1%82%d0%b8-%d0%be%d0%b4-%d0%9f%d1%80%d0%be%d0%b3%d1%80%d0%b0%d0%bc%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%b7%d0%b0-%d0%b8%d0%bd%d0%b2%d0%b5%d1%81%d1%82.-%d0%b2%d0%be-%d0%b6%d0%b8%d0%b2.%d1%81%d1%80%d0%b5%d0%b4%d0%b8%d0%bd%d0%b0-2020.pdf и https://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2021/01/SV.br_.17_-21.01.2021.pdf
[28] Заб. авт. Проценката е направена според груба пресметка, а согласно Законот за животна средина за наплаќање 0,007 ден/kWh (член 185-а) произведена енергија од фосилни горива и декларираните количества произведена енергија од фосилни горива, на пр. средствата кои РЕК Битола треба да ги исплаќа на Општина Новаци или РЕК Осломеј на Кичево или топланите во Скопје и сл.
[29] https://www.dw.com/mk/%D0%BD%D0%B8-%D0%B2%D0%BE-%D0%BA%D1%80%D0%B8%D0%B7%D0%B0-%D0%B7%D0%B0-%D1%82%D0%B5%D0%BD%D0%B4%D0%B5%D1%80%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BD%D0%B5%D0%BC%D0%B0-%D0%BA%D1%80%D0%B8%D0%B7%D0%B0/a-57998356
[32] https://vlada.mk/sites/default/files/programa/2017-2020/Programa_Vlada_2017-2020_MKD.pdf
[33] https://unfoundation.org/what-we-do/issues/sustainable-development-goals/?gclid=CjwKCAjw87SHBhBiEiwAukSeUYI4kzTY7s39jaXLWqUNeySljnTP3iJS1Wj7Ap6rs2VQ3T4iwDKzYRoCJcoQAvD_BwE