Насловна / Вести / Загадено е, но што сега?

Загадено е, но што сега?

Скопје, а и Македонија имаат загаден воздух. Ова веќе не е нешто ново или шокантно. Откако МојВоздух (или по ново AirCare) го демократизираше пристапот кон податоците за загадување на воздухот, на сите нам ни стана кристално чисто во каква животна средина живееме. Но, во мој стил, да се обидеме да ги поедноставиме проблемите со мониторингот, изворите на загадување, штетата што не ја гледаме дека ни ја предизвикуваат, и најважно од сè – што понатаму?

KIR_0317_resize

МОНИТОРИНГ

Во Македонија има 21 активна мерна станица од државната мрежа на мониторниг станици. Има околу пет од универзитетската мрежа на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, и околу 30 волонтерски станици – нискобуџетни станици поставени од страна на граѓани. Секој вид на станица носи свои бенифиции и проблеми. Државните и универзитетските се доста прецизни во своите мерења, бидејќи користат скапи инструменти и калибрации по интернационални стандарди. Но, скапата цена си носи проблеми како недостаток на резервни делови и мал број на вакви станици низ земјата. Волонтерските пак, се евтини сензори (околу 50 евра), и не се најпрецизни за да се користат во научни истражувања, но даваат добра индикација дали загадување има или нема во местата кои државните сензори не ги покриваат.

Screenshot_20220415_082301_com.gorjan.airquality_resize

Сепак, има голем број на градови каде државните мерни станици не се присутни, и затоа има потреба од волонтерски: Охрид, Струга, Радовиш, Крушево, Македонски Брод, Демир Капија, Свети Николе, Пробиштип, Кратово. А, во други пак, како Куманово, Тетово, Струмица, Прилеп и Гевгелија, има само по една мерна станица, преку која е тешко да се валидираат податоците што ги враќа таа станица. Што ако до неа стои камион на дизел? Таа ќе покаже високи мерења, иако тоа е само многу локално загадување и не ја отсликува состојбата на целиот град.

Токму поради ова, волонтери набавуваат сопствени нискобуџетни мерни станици, кои ги покриваат сите оние населби низ градовите каде државата нема поставено станици.

merna stanica_resize

ИЗВОРИ НА ЗАГАДУВАЊЕ

Европскиот ревизорски извештај, или т.н. Финска студија, кажува многу директно дека индустријата во земјата е најголемиот загадуач, а потоа следуваат домаќинствата, и најмалку сообраќајот. Но, ретко кога ќе видиме извештај од државата со кој се вперува прстот кон индустријата и фабриките, најчесто тие извештаи зборуваат само за домаќинствата.

Како да забораваме на студијата од ИРЛ во која се покажа каков мазут се гори, или бројните пријави од граѓани за фабриките (големи и мали) кои неконтролирано чадат во воздухот. За жал, законски овие фабрики не се обврзани да се под константен, 24-часовен, јавен мониторинг. Мерење неколку пати во годината со најава, не може да го прифатиме како правилен начин за мониторинг на нивните токсични емисии во воздухот. Ова бара Министерството за животна средина и просторно планирање да поднесе предлог-измени на законите кои Парламентот треба да ги изгласа и да ги обврзе сите индустриски објекти со А и Б-интегрирани еколошки дозволи, како и тие со елаборати за животна средина, да мора да вршат континуиран 24-часововен јавен мониторинг на нивните емисии во воздухот.

KIR_2002_resize

За домаќинствата, веќе знаеме дека секакво согорување придонесува до загадување на воздухот, дали тоа се дрва, пелети, пластика или градежен шут. Транзицијата кон екоизвори за затоплување на домовите мора да почне што поскоро, и тоа мора да биде со помош на фотоволтаици кои домаќинствата ќе може да ги постават на своите куќи/станови, а истите да бидат поврзани во дистрибутивната мрежа за електична енергија.

4H5A7678_resize

И секако, да не го заборавиме РЕК Битола. Не може да зборуваме за греење на инвертер клими како зелен извор, ако ~75 отсто од струјата во Македонија е валкана, т.е. се добива од согодување на јаглен. Ние сме земја на сонцето, и мора да го искористиме тој потенцијал максимално со помош на соларни фарми и соларни панели врз покривите на зградите низ градовите. Имаме сонце на државното знаме, да го направиме тоа сонце дел од нашиот секојдневен живот!

ШТЕТАТА ПО ЗДРАВЈЕТО

Е тука веќе наидуваме на најпроблематичниот дел од овој текст. За разлика од КОВИД-19, вирус чии последици се веднаш видливи, последиците од аерозагадувањето (како и од климатските промени), се видливи дури понатаму во животот, по подолг период на изложување на него. И токму поради тоа, потешко е за сите нас сериозно да ја сфатиме заканата од лошиот воздух. „Па еве што, бев надвор, беше загадено, ништо не ми е“ – класична изјава од некој што мисли дека освен лошиот мирис, нема други негативни последници на ПМ-честичките во воздухот.

4H5A0140_resize

Но, 3.400 граѓани на државата умираат секоја година поради директни и индиректни последици на аерозагадувањето. Кога респираторниот систем е прв на удар, настануваат голем број на компликации кои може да резултираат со смрт. И нема безбедни групи, помлади или постари, сите го дишеме истиот воздух.

Ако имаме КОВИД-19 и живееме во загаден град, нашите шанси да имаме смртни последици од вирусот растат за 19 отсто. Доколку сакаме да имаме бебе, жените имаат 10 отсто помали шанси да останат трудни ако дишат лош воздух, а и сперма-клетките на мажите не се поштедени бидејќи студии покажаа дека честичките на ПМ-10 и ПМ-2,5, освен што можат да навлезат во алвеолите на белите дробови, можат да стигнат и до тестисите и да ја намалат плодноста, да предизвикаат фетални аномалии и да ја зголемат веројатноста за спонтан абортус.

Доколку, пак, имате веќе некоја хронична болест, посебно на респираторниот систем како астма, во никој случај аерозагадувањето нема да ви помогне во справување и живеење со истата.

4H5A0143_resize

ШТО ПОНАТАМУ?

Апликацијата МојВоздух од 2014 наваму константно нè информира колку е загаден воздухот. Да не беше таа, не дека е моја, но верувам дека борбата против изворите на загадувањето ќе одеше многу поспоро. Само со јасно и лесно достапни информации, може да започнеме со решавање на каков било проблем.

4H5A4567_resize

Но што понатаму, е добитното прашање? Како да се справиме со еден проблем што изгледа комплексен, долгогодишен и регионален – не се бори само Македонија со аерозагадувањето, туку сите земји од Западен Балкан.

1. Консултирање со експерти

Политичарите, во 99 отсто од случаите, немаат конкретно познавање на тематиката за сами да носат одлуки како да се справат со аерозагадувањето. Тоа треба да го прават експерти на темата, академици, еколози, кои ги знаат многу поинтимно причините и решенијата. Политичарите треба само да ги слушаат и да ги имплементираат нивните препораки.

2. Регионална соработка

Лошиот воздух не е уникатен за Македонија, тој го има во сите земји од Западен Балкан, но и низ целиот свет. Клучно е да почнеме многу сериозна регионална соработка со овие земји, за доколку се покажала некоја мерка ефикасна во, на пример Сараево, истата да се примени и во другите градови низ Балканот. Нема потреба да измислуваме топла вода, доколку овие проблеми веќе се надминати на други места во регионот, само треба да ги копираме и приспособиме тие решенија.

3. Институциите да ги ставиме во експрес-лонец

Не буквално, но притисокот кој мора да го извршиме врз нив, мора да биде константен и голем, доколку сакаме да ги мрднеме од позиција нула. Ова се однесува на тебе, читателу. Ти, не друг, треба да вршиш постојан притисок врз локалната и централната власт, и врз секоја институција поврзана со овој проблем. Воздухот сам нема да се исчисти, а ти ќе го дишеш сè додека не решиш да се активираш во оваа борба. Но, нема да си сам. Тука се активистичките и екоорганизации кои го прават ова со години – приклучи им се, и дај го својот придонес.

Моја желба е да нема потреба да зборуваме за загаден воздух за неколку години отсега, туку да зборуваме за поубави теми. Но, ако сакаме тоа да е реалност, само пишување лути статуси на социјалните мрежи нема да го смени текот на настаните. Доста беше отров, се гледаме во борбата.

Автор: Горјан ЈОВАНОВСКИ, МојВоздух

4H5A7776_resize

Испрати коментар

Scroll To Top