Долготрајна изложеност на штетни честички во воздухот ги ослабува белите дробови, а ковид 19 ги напаѓа, па здравствените експерти веќе некое време се обидуваат да воспостават врска помеѓу загадувањето на воздухот и новиот вид на коронавирус.
Франческа Доминичи од Универзитетот Харвард и нејзините колеги откриле дека секој дополнителен микрограм ситни ПМ2,5 честички по кубен метар воздух на долг рок ја зголемува смртноста од ковид за 11 отсто.
Така, загадувањето на воздухот е класифицирано со најсериозните фактори на ризик, како што е пушењето.
„Ова е прва студија која дала сигурни докази дека животот во земја или област со високо ниво на штетни честички во воздухот ја зголемува стапката на смртност од ковид 19“, вели професорката Доминичи.
Нејзиниот тим ги анализирал податоците за воздухот од 3.089 окрузи во САД, ги споредил нивоата на загадување од 2000 до 2016 година, а потоа во равенката ја вметнал инфекцијата со ковид 19.
Штетата од загадениот воздух непоправлива
Уште поважно, врската помеѓу загадувањето на воздухот и повисоките стапки на смртност била јасна дури и кога резултатите се прилагодени да се исклучат други 20 можни фактори, вклучувајќи: пушење, телесна тежина, возраст, раса …
Меѓутоа, професорката Доминичи вели дека едно од ограничувањата на анализата е тоа што податоците за смртноста, загадувањето и други потенцијални причини се на територијално, а не на индивидуално ниво, што ја намалува точноста на студијата.
Таа објаснува дека, сепак, ова е најдобриот начин да се пресмета врската, додека податоците не се соберат на индивидуално ниво, на што веќе се работи, но на експертите ќе им биде на располагање за околу една година.
Професорката Доминичи, исто така, посочува дека не постојат начини да се намали штетата која долгорочната изложеност на загаден воздух им ја нанесува на белите дробови, но затоа може да се обрне внимание на фактот дека први се хоспитализираат пациенти од загадени области.
Покрај тоа, таа објаснува дека ова е уште една причина итно да се започне да се работи на подобрување на квалитетот на воздухот.