Од вчера сите хрватски градови и општини задолжително треба да обезбедат контејнери за одделно собирање на седум видови отпад – хартија, метал, стакло, пластика, текстил, опасен и габаритен отпад, јави хрватската државна телевизија ХРТ.
Овој проект уште во средината на јуни го најави хравтскиот министер за животна средина Михаел Змајилович, кој даде рок овој проект да биде подготвен до 24 јули. Министерот рече дека општините имале доволно време и пари за да го подготват проектот и дека од денеска, па се до крајот на годината, приоритет на инспекциите за животна средина ќе биде да проверуваат дали се обезбедени услови за сортирање на отпадот.
Змајилович соопшти дека казните за непочитување на одлуката ќе се движат од 13.000 до 39.000 евра.
Владата на Хрватска планира до крајот на 2018 година да ги затвори сите депонии и да создаде центри за управување со отпадот, а од 1 јануари 2020 година, Хрватска да рециклира најмалку 50 проценти од отпадот.
Целта на овие мерки е да се намали отпадот и да се зголеми рециклирањето, примарен услов кој е воведен за таа цел е сортирањето на отпадот.