Древната палата на кинеските императори Забранетиот град, сместен во центарот на Пекинг, со неговата величествена архитектура се смета за најимпозантно архитектонско ремек-дело, траен симбол на традиционална Кина. Неговата изградбата е еден од најголемите подвизи во човечката историја. Подвиг кој може да се спореди со изградбата на пирамидите или на големиот кинески ѕид. Прогласен е за светско културно наследство на УНЕСКО во 1987 година, како „Царски дворец на династиите Минг и Чинг“. Претставува најголема збирка на најдобро сочувани стари дрвени структури во светот. Им служел на кинеските цареви од 1421 до 1911 година. Во него престојувале 24 кинески императори. Четрнаесет од династијата Минг и десет од династијата Чанг. Со абдикацијата на последниот кинески цар Пу Ји, во 1912 година, Забранетиот град престанал да биде политички центар. Иако во него повеќе не живее царското семејство, Забранетиот град е симбол на кинеската државност.
Денес, тој е една од најголемите туристички атракции во светот. Познат е како музеј – дворец. Посетен е од околу 10 милиони луѓе годишно. Според официјалните податоци за овој исклучителен комплекс од минатото,
неговата изградба, како остров на луксуз, далеку од обичните луѓе, започнала во 1406 година. Се проценува дека околу еден милион работници учествувале во изградбата и комплетирањето. Денес има постојана екипа која е ангажирана на негово обновување. Неговото комплетно реновирање, трае околу 10 години. По завршувањето на последниот реновиран дел, повторно се почнува со првиот, кој бил реставриран пред 10 години.
Поставен е на локација со правоаголна форма која зафаќа површина од 720 илјади метри квадратни. Изграден е билатерално симетрично. Осната линија на основата е во правец север – југ. Најголемите конструкции внатре се поставени симетрично на двете страни. Другите структури вклучувајќи ги и најголемите, како и престолите во нив, се преполовени од оската.
Исто така, и двата најважни архитектонски комплекси на стариот град Пекинг, Храмот на небото и Олтарот на земјоделството, иако надвор од Забранетиот град, биле поставени симетрично на двете страни од оската во палатата.
Ограден е со високи ѕидови кои имаат порти на сите четири страни. На јужната страна се наоѓа Меридијанската порта (А). Северно е Портата на Божествената сила (B). Растојанието помеѓу овие две порти е 960 метри, а растојанието помеѓу источната (D) и западната порта (C) е 750 метри. На секој агол од ѕидот се наоѓа по една уникатна кула (E), од кои може да се види дворецот и градот надвор.
Забранетиот град се дели на два дела:
– надворешен дел, во кој спаѓаат јужниот и централниот двор, три церемонијални сали кои се користеле за крунисувања, венчавки, наименувања. Тука се величествената Сала на врховната хармонија (G), пред која се наоѓа Портата на врховната хармонија (F), Салата на военото достоинство (H) и Салата на книжевната слава (J). Во надворешниот двор се наоѓаат архиви, библиотека, магацини за складирање на фенери;
– и внатрешен дел кој ги опфаќа северниот, источниот и западниот дел од Забранетиот град. Во внатрешниот двор живеел и работел царот со неговото семејство, евнусите и слугите. Исто така има три сали кои се користеле за секојдневни намени. Најважната е Дворецот на божествената чистота (L). Тука се дворците Слава на умствената култивација (N) и на спокојната долговечност (O).
Главната порта на Забранетиот град е Меридијанската порта (A). Таа гледа на плоштад на кој некогаш се извршувале смртни казни по царска наредба. Поединечните згради во рамките на Забранетиот град биле дом на многу важни членови на аристократијата. Во него се сместени огромни колекции на бесценети реликвии, вклучувајќи древна керамика, бронзени скулптури и слики. Целиот комплекс е украсен со прекрасни статуи од мермер, дрво и бронза.
ИСТОРИЈА, ДРЕВНИ ТАЈНИ, ФЕНГ ШУИ…
Историјата на Забранетиот град е богата и мистериозна. Како центар на моќ со векови бил сведок на многу предавства, убиства и борби за власт. Колку повеќе се проучува, се доаѓа до сè поинтересни податоци за древните знаења на старите мајстори. За неговата интересна градба и за нивните објаснувања на преземените активности за добивање на, според нив, подобар фенг шуи. Идеологијата била дека императорот на Кина е Божји син, кој требало да владее вечно. Задача на архитектурата била да ја потврди оваа идеја, што е видливо во секој негов дел.
Жу Ди (Zhu Di), четвртиот син на царот Zhu Yuanzhang, оснивачот на династијата Минг, кога го презел тронот, ја преселил својата нова престолнина во Пекинг. При планирањето на дизајнот на новиот дворец, тој ги замолил фенг шуи мајсторите да потврдат дека неговото владеење е навистина небесен декрет.
Изградбата на Забранетиот град била внимателно разработена. Сите позитивни елементи биле максимално искористени.
1. Според доктрината на фенг шуи, географските карактеристики на локацијата влијаат на објектите. Забранетиот град бил поставен во географскиот центар на Кина. Но неговата природна местоположба не задоволувала. За да се постигне совршенството на локацијата, бил искористен човечкиот труд. Било изградено вештачко брдо (Jingshan) на северната страна, зад објектите, и вештачка река (Jingshui) која течела напред, од запад кон исток. За реката бил ископан специјален канал, а планината била формирана од ископаната земјата за реката и од градежниот материјал од стариот дворец на династијата Yuan, кој бил срушен. Планината и реката го смениле целото магнетно поле на локацијата. Формирале многу важни елементи. Ја поврзувале јин и јанг енергијата со околните планини (Tianshou, Yanshan, Taihang, Kunlun), кои дејствувале заедно. Чи енергијата од дворецот, сега можела да патува непречено и преку систем на реки и планини да стигне до огромната планина Kunlun, за да се поврзе директно со енергијата на самото небо.
2. Објектите во градот биле поставени строго според принципите на фенг шуи, по оската север – југ, бидејќи се сметало дека балансот помеѓу јин (север) и јанг (југ) ќе донесе универзална хармонија во царството. Забранетиот град е разделен со централна оска, која оди од север кон југ, и го дели дворецот на источен дел кој претставува јанг и западен дел кој е јин. Сите сали по должина на оската се свртени на југ, така што на лево е јанг, каде што сонцето изгрева, а на десно јин каде што сонцето заоѓа. Јин и јанг се сметаат за извор на животот од времето на Qin Shi Huang (260-210, пр.н.е.), прв император на династијата Qin. Во совршена симетрија, изградени се повеќе сложени палати поврзани со огромни плоштади, дворови и вештачки езера.
3. Концептот на петте елементи го формира јадрото на традиционалната кинеска култура и се базира на идејата дека сè во универзумот е создадено со акција и реакција помеѓу петте елементи на метал (злато), дрво, вода, воздух и земја. Овој концепт често се смета како основа на „симплифициран материјализам“ на филозофијата на древна Кина. Ако се вели дека јин и јанг се потекло на целата материја, тогаш петте елементи се целата материја која се реализира за да продолжи да егзистира. Затоа во дизајнот на Забранетиот град се наоѓаат безброј траги од петте елементи. Во традиционалната кинеска филозофија, материјата почнува да се формира откако нејзината душа е формирана со енергиите на јин и јанг, односно пете елементи кои ги составуваат телото и крвта на сè на земјата. Во теоријата на петте елементи, центарот на која било област има квалитет на земја. Бојата на земјата е жолта, боја која е резервирана како кралска боја. Покривите на најважните објекти на комплексот се со жолти плочки и укажуваат на физичкиот центар на целото царство. Југот е со квалитет на оган. Портата во јужниот дел на палатата е направена со слики од пет феникси и пет камени мостови. Надвор од портата врежани се моделите на страшен бесен оган. Елемент на северниот дел е водата, што одговара на легендарната црна желка. Xuanwu е бог на водата на север. Одговорен е за прашањата на животот и смрта и има способност да избрка лоши духови. За да се признае неговата заштита, источните и западните палати имаат кров од црни кровни плочки. Металот (или златото) е елемент на западот. Според теоријата на фенг шуи металот создава вода. Тоа е причината зошто реката околу палатата почнува од запад и се нарекува Jinshui („Златна вода“). И конечно, истокот припаѓа на дрвото, што означува раст и промена на сите нешта во светот. Истокот е полн со енергија и е идеална локација за живеалиште на принцот. Бојата што одговара на дрвото е зелена. Крововите на просториите каде престојувале принцовите на династиите Минг и Чинг биле покриени со зелени плочки, аналогија дека принцот треба да биде вечно млад, полн со енергија и неограничен потенцијал.
4. Древните Кинези, при креирањето на идеалистички комплекси се придржувале до принципот дека небото и земјата директно кореспондираат еден со друг. Со други зборови, изгледот на ѕвездите може да се поврзе со лицето на земјата, создавајќи огромен симболичен систем. Дизајнот на Забранетиот град е директна проекција на концептот на „мапа на универзумот“. Но наместо да направат копија на соѕвездијата, тие се рефлектирани на многу погенијален начин. Со компас се определува локацијата на Северната ѕвезда. Се определува северниот правец и оската што поминува од север на југ, која е главна оска на комплексот. Реката Jinshui симболизира „Небесна река“ (Млечен пат).
5. Во внатрешноста, секоја архитектонска карактеристика, боја и декорација има симболично значење… На секој агол од покривите наоѓаме мали статуетки, фигури на легендарни животни, чиј број ја означувал моќта на лицето што живее внатре. Бројот 9 бил за царот. Само една зграда има 10 статуетки на секој агол.
Анализите на мајстори на фенг шуи, го објаснуваат интересниот дизајн на Забранетиот град кој ги вклучува во себе распоредот на соѕвездијата, јин и јанг, петте елементи, имињата на портите, правците, патиштата, симболите… кои му обезбедуваат позиција, како најневеројатно архитектонско ремек-дело од минатото, инспирирано од древните знаења на архитектурата. Изграден пред повеќе стотици години, помеѓу планината Jingshan и реката Jinshui, со концепција на идеален баланс помеѓу јин и јанг, до денес опстојува дворецот на Синот на Небото на кинеските императори, Забранетиот град.
* План на Забранетиот град
Линија на поделбата на надворешен (јужен) и внатрешен (северен дел)дел
Легенда:
А. Меридијанска порта
B. Порта на божествената сила
C. Западна славна порта
D. Источна славна порта
E. Аголни кули
F. Порта на врховната хармонија
G. Сала на врховната хармонија
H. Сала на военото достоинство
J. Сала на книжевната слава
K. Јужни три дворци
L. Дворец на божествената чистота
M. Царска градина
N. Сала на умствената култивација
O. Сала на спокојната долговечност