Насловна / Вести / Заборавено и оттргнато од заборавот меморијално архитектонско делo – „БОМБА“

Заборавено и оттргнато од заборавот меморијално архитектонско делo – „БОМБА“

Чудна и непредвидлива е судбина на авторските дела во областа на уметноста, вклучително и во архитектурата. Некои авторски дела со самото нивно појавување веднаш се прифатени од јавноста, а  истовремено маргинализирани од стручниот оценувачки суд за нивната вредност и обратно. Тоа е особено изразено кај градбите  и спомениците, односно кај објектите, бидејќи тие се физички присутни во просторот и со самото тоа веднаш и први на удар на судот на јавноста и на струката.

4H5A5523_resize

Архитектурата се прифаќа и позитивно се оценува од консументите, пред сè ако е искрена, чесна, функционална, служи на намената, а воедно и композициски и визуелно придонесува на сликата, тоа значи ја постигнала целта. Во таа смисла, и овој текст е авторски и се однесува на архитектонски авторски проект, создаден во периодот кога масовно се градеа меморијални споменици по повод  револуцијата, Втората светска војна и во спомен и сеќавање на борците учесници во антифашистичката борба во СФРЈ. Проект кој е направен, онака како што јас како автор го чувствував тогаш и на ист начин го доживувам и денес, повеќе од околу четириесетина години подоцна.

4H5A5493_resize

Проектот е создаден и реализиран кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век и има своја предисторија. Станува збор за меморијално архитектонско  спомен-обележје, стилизирана куќа која се наоѓаше на место на денешниот Кривичен суд во Скопје. Инспирацијата за ова дело произлегува од истриски настан на почеток на Втората светска војна и раскажувањето и сеќавањето на борците за зачетоците на револуционерниот антифашистички отпор во Македонија.

Со нарачателите на проектот, претставниците на боречката организација, пред да отпочнам со работа на проектот, се состанав неколку пати за да слушнам за значајниот историски настан. Помеѓу другите долги разговори со нив, разбрав дека тие имале свое споменично обележје во вид на стилизирана бомба кое се наоѓало кај зградата на Комерцијална банка, но кое било отстрането и не знаеја ниту каде се наоѓа, ниту во каква состојба е. Ми кажаа дека автор на споменикот „Бомба“ е професорот Александар Никољски. Кај мене возбудата при творење уште повеќе порасна, веднаш побарав да го контактираат професорот и да му предложат истата да биде дел од архитектонската композиција на споменичното меморијално обележје, стилизираната куќа за која веќе ги правев првите идејни кроки скици.

4H5A5512_resize

Така се случи нашата соработка, стапив во контакт со архитект Никољски. Ми беше чест да бидам рамо до рамо со мојот почитуван професор, иако бев во фаза за која веќе имав осмислено проектантски пристап, а споменикот на професорот ми се појави ненадејно. „Бомбата“ посебно ме инспирираше и ја инкорпорирав во меморијалното обележје, поставувајќи ја на експонирано место, подигната на цилиндричен пиедестал.

Како млад архитектект, полн со мотив, ми беше чест да пронаоѓам „место под сонцето“, покрај еминентни архитектонски величини, кои интензивно создаваа во тој период на архитектонско творење во земјава.

4H5A5500_resize

Како што обично се случува во пракса, архитектите автори на проектот се и изготвувачи на проектната задача за и во име на нарачателот, во овој случај борците. Проектната задача, која сам си ја зададов, а силно инспириран од антифашистичкото движење, ме обврза да ја развијам мислата и сеќавањето на борците и да го „раскажам“ во материјализиран архитектонски проект надополнет со нова содржина, стилизирана бомба. Така проектот кој по обем и значење спаѓаше во категорија едноставен, мал проект, веќе не беше тоа, а  јас како таков и понатаму го разбирав. Проект кој требаше да се зврши во строго одреден рок и повод, како што и инаку беше во тоа време.

4H5A5503_resize

Императив беше да се потенцираат зачетоците на авангардната  револуционерна дејност на антифашистичките борци од Скопје, мај – јуни 1941 година (пред 4 јули 1941 год.). Според нивното раскажување во населбата Крњево во подрумот на една куќа, донесена е одлука за формирање на Скопскиот партизански одред, кој понатаму е трагично разбиен на падините на Скопска Црна Гора. Бев млад, полн со енергија, видно возбуден од настанот и влезен во филмот на сеќавањата на борците и описот каде и каква била куќата во која се сретнале. Изработив стилизиран проект на остатоци на приземна, незабележлива градска куќа, со ѕидана ограда, порта и бунар во мал двор. На куќата ѝ беше потенциран влезот во подрумот без прозорци, токму онака како што ја опишаа борците. Куќа мала, неугледна, намерно нагласен влез во подрум без светлина, влез во неизвесност, во потрага за подбар свет. Куќата претставуваше стожер на желбата за антифашистички отпор, а бомбата на професорот како асоцијација на експлозија,  лоцирана на експонирано место во дворот ја комплетираше стилизираната архитектонска композиција со што објектот доби значење на меморијалност. Поради изградба на „барокната“ зграда на денес Кривичниот суд, куќата е срушена, а споменикот „Бомба“  дислоциран, како што кај нас најчесто се случува, анонимно, „ќутенката“, како никогаш да не постоел како мемориски споменик за еден од најсветлите моменти во нашата историја, антифашистичката борба. Денес споменикот „Бомба“ на професор Никољски се наоѓа во зеленилото зад објектите на МАНУ, МКЦ, судовите, Институтот за национална историја, покрај зградата на Македонската телевизија.

4H5A5525_resize

За жал документација за меморијалната куќа немам, фотографии исто така, но не успеав ниту да најдам. За ова меморијално обележје речиси и да не се знае дека постоело.

Но,  овој споменик не остана незабележан од Donald Niebyl, американец, биолог кој на изложба на фотографот Jan Kempenaers прв пат се запознал со спомениците посвететени на НОБ во поранешна Југославија и оттогаш  е фасциниран од нив. Niebyl има своја страница на интернет www.spomenikdatabase.org, која голем дел е посветена на овие споменици. Споменикот на професор Александар Никољски исто така е дел од значајната збирка на сајтот, a  со тоа,  архитектонското Наше дело  доби посебно значење во монументалните меморијални или слични споменици на територијата на СФРЈ. На некој начин содржината и целта на мојот авторски текст ја потврдува првата алинеја за чудната и непредвидлива судбина на авторските дела. Текстот го пишувам на инсистирање и мотивирање од уредникот на Порта 3.

П.С. Во спротивно пласираната информација до јавноста би ја чувал за себе. Благодарен на Порта 3 во име на мојот почитуван професор и мое лично име.

Автор: Владимир ПОТА, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top