Владата на Србија во средината нa декември минатата година усвои „Програма за заштита на воздухот во Србија од 2022 до 2030 година со акциски план“, а меѓу мерките се најдоа и субвенции за замена на најстарите дизел возила со нови. За реализација на плановите од овој стратешки документ најавени се вложувања од 2,6 милијарди евра, од кои 102 милиони евра се наменети за обнова на возниот парк, така што најстарите патнички автомобили, лесните товарни возила и автобуси ќе бидат испратени на рециклирање.
Оној кој ќе одлучи да купи поново, еколошки поприфатливо возило (со еуро 6 мотор, ново или половно), ќе добие субвенции во иснос од 2.100 евра за патнички автомобил, 2.500 евра за лесно товарно возило и 2.900 евра за автобус. Со оваа мерка ќе се отстранат најстарите возила од патниот сообраќај, и ќе се придонесе за намалување на емисиите, особено на PM честичките кои спаѓаат меѓу анјголемите загадувачи на воздухот во Србија. Спроведувањето ан оваа акција во пракса се очекува многу брзо. Имено, Агенцијата за безбедност во сообраќајот ќе даде предлог механизми за поддршка од јавните средства, додека партнери во реализацијата се Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура и Министерството за заштита на животната средина.
Србија е единствената држава во регионот во која и натаму е дозволен увоз ан автомобили со еуро 3 норма. Во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора важечка еколошка норма е еуро 5. Годишно во Србија се увезуваат над 120.000 половни возила од кои најголем дел се со дизел мотори.