До истекот на рокот за доставување на барања до Град Скопје, кој заврши на 21 мај аплицирале 258 баратели за субвенција на дел од трошоците за набавка на нови печки на пелети. Од Град Скопје велат дека комисијата е веќе излезена на терен. Се уште, пак, не е донесена одлука како ќе се користат парите што ќе останат од субвенциите.
– Согласно со Правилникот сите пристигнати барања ќе се разгледаат, поточно комисијата веќе теренски работи, и на градоначалникот ќе му достави финален извештај со вкупната сума за одобрени субвенции. Врз основа на поднесениот извештај и вкупната сума на преостанати средства ќе се донесе нова одлука како ќе се искористат истите, посочуваат од Град Скопје.
Град Скопје во годинашниот буџет за субвенции на нови печки на пелети одвои 15 милиони денари. Сумата што ја добива лицето што ги исполнува условите е не повеќе од 30.000 денари. Тоа пак значи дека пари во буџетот има за 500 граѓани што би набавиле нови печки. И да се прифатат сите пристигнати барања би се исцрпеле половина од средствата, што значи исто толку остануваат. Најверојатно ќе се распише нов јавен повик, но очигледно е дека интересот за овие субвенции кои се делат веќе трета година, полека опаѓа.
Право на учество на овој јавен повик имаат жителите на град Скопје (домаќинствата) во општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај, коишто ќе купат печка на пелети за затоплување на својот станбен простор од денот на објавувањето на јавниот повик до денот на завршувањето на повикот и ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок. Право на овие субвенции немаа скопјани што се приклучени на парно греење.
За разлика од субвенциите за печки на пелети, поголем интерес граѓаните пројавија за субвенциите за велосипед.
Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, како и 50% од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
Годинава Градот предвиде 10 милиони денари од кои 9 милиони за набавка на велосипеди и еден милион за адаптирани велосипеди. Предвидено е околу 3.000 лица да добијат субвенции. За разлика од оваа година, лани субвенциите за велосипед беа нешто повисоки и изнесуваа 4.000 денари.