Во текот на летните месеци ќе започне монтажата на оградата на мостот „Слобода“ кај „Холидеј ин“, информира градоначалникот Kоце Трајановски на последната седница на Советот на Скопје, запрашан од опозицијата до каде е реализацијата на овој проект и зошто досега ништо не е почнато, иако договорот беше склучен лани.
Скопскиот градоначалник рече дека таа не е изработена целосно и поради тоа не е поставен ниту еден дел од неа. Kако што посочи, градската власт не сака парцијални изведби, па затоа и решиле да почекаат.
Леењето на канделабрите и на оградата се изведува во РЖ „Институти“ од Скопје и во белградската леарница „Јеремиќ“, а финансиер е Градот, кој издвои 1,1 милион евра. Дополнителни средства се издвоија и за санација на инфраструктурата на мостот, како и за ново осветление.