„Центар мора да се развива, и Треска, и Холидеј Ин, јас на самиот почеток на предизборната кампања говорев, а сега и така ги спроведуваме сите ветувања, за хуман урбанизам ќе го почитуваме прво јавното добро и интересот на граѓаните, а потоа бизнис интересите и нивните профити.“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во „Утрински Брифинг“ на Слободна ТВ.
Општина Центар вели градоначалникот го раскинала договорот со планерската куќа ИН-ПУМА, планер на ДУП-овите Буњаковец 1 и 2 и е во тек барање нова планерска куќа и спроведување на нов ДУП, во кој влегува и „Треска“ во Буњаковец 2.
ДУП Буњаковец 2
„Ако било спроведено пред две години и се изменил ДУП-от, сега таму ќе сме имале идејно архитектонско решение, кое ќе сме можеле сега да го спроведуваме. Секако дека ќе дадеме и ние насоки, но сепак треба да имаме предвид дека тоа е и приватно земјиште. Дека е изминат голем период каде што луѓето купиле некои парцели, се задолжиле во банки, плаќаат камати. Имаме можности за тужби, значи седнуваме и се договараме за да немаме тужби. Утре ќе се блокира општината, кој ќе го плати ‘цехот’ на крај?“, прашува Герасимовски, и додава: „Има закони и сите мораме да ги почитуваме, вклучувајќи ја и „Треска“. Таму луѓето купиле имот, бараат дооформување, утре ќе бараат дозволи и така натаму, ние како општина законски не смееме да ги сопреме“.
Според градоначалникот Герасимовски, идејното решение на конкурсот „Треска“ не е идеално, имало време да се направи многу убаво. „Беше побарано од партиципативното тело да се презентира тоа идејно решение и ние ќе го направиме тоа. Закочивме во делот на побрзо спроведување бидејќи сакавме да ги сослушаме сите страни, да седнеме на заедничка маса како општина, како архитекти, сопственици и да поразговараме за најдобро идејно решение коешто ќе биде прифатливо за сите“.
Прворангираното решение на конкурсот „Треска“
„Пробиени се сите рокови, а план не е направен. Новата планерска куќа ќе треба да предвиди решенија и за просторот кај ‘Треска‘. Не може тоа посебно да се прави, како што некој мислел. Дали нешто ќе биде применето од конкурсот ќе видиме, тоа треба да го кажат правниците, со оглед дека таму е приватно земјиште и не можеме да спречиме луѓето да дооформуваат парцели и да бараат да градат. Конкурсот кој беше спроведен е скапа анкета за слушање стручно мислење“.
За локацијата спроти Холидеј Ин вели: „Бараме начини јавното добро да го заштитиме целосно. Во ‘Холидеј Ин’ има издадено една дозвола, се намалуваат другите катови на останатите две згради за кои уште не се побарани дозволи. Како граѓанин и жител на Центар, сопруг, родител, активист, зошто кај нас сите сме активисти, треба да видиме кој стои позади и колкава маса на луѓе го подржуваат тоа. Искрено сметам дека сега и таму е бетонизација. Имаме бетон, имаме трошни куќи, од кои половина се распаднати. За жал немаме ни канализациона мрежа и се останато, треба да се урбанизира, час поскоро“.
ДУП Ц08 (Холидеј Ин)
Според Герасимовски, решението е измена на ДУП-от, нешто што требало да се направи многу одамна.
Одамна беше на сила мораториум во Општина Центар за кој Уставен суд донесе одлука за негово укинување и веднаш се извадија од фиока проектите за локацијата кај „Холидеј Ин“.
Планерската компанија „Ин-пума“, која го работеше деталниот урбанистички план за„Треска“, во својата сопственичка структура има градежни фирми и физички лица кои се сопственици на парцели на истата локација. Меѓу сопствениците на планерската компанија „Ин-пума“ е градежната компанија „Ремис“ од Охрид. Меѓу сопствениците на „Ремис“, пак, е фирмата „Градежник“. А еден од сопствениците на фирмата „Градежник“ е лицето Предраг Виќентијевиќ, на чие име и презиме се водат десетици парцели на локацијата „Треска“, земјиште кое ова семејство го добило со денационализација.
Можеме да заклучиме од изјавеното дека цехот на крај ќе го плати не оној што највеќе има, туку оној кој е навикнат да плаќа – градот и неговите граѓани.