Владата ќе одлучи што ќе се гради на местото на бараките на Град Скопје во Градски парк. И за наменета и за катноста, последниот збор ќе го даде Владата, бидејќи проценила дека станува збор за локација од јавен интерес. Ова го појасниле надлежните од Општина Центар кои ги презентираа планираните измени во ДУП-от за реонот од „Илинденска“ до Вардар, пишува „Утрински“.
Инаку, во ДУП-от, генерално нема некои поголеми измени. Објектот на „Кермес“ ќе си остане во истите граници и габарит, се задржуваат објектите на „Опатија“, „Езерце“, како и објектот и терените на тенискиот клуб „Југ“… На четирите згради на потегот од Влада кон градски стадион, градени во 1947 година, ќе им се дозволи надградба од кат и потпокрив, како и проширување на терасите за 3 метри. По барање на станбеното претпријатие, кое стопанисува со арената „Филип Втори“, до стадионот е предвиден простор од околу 3.000 квадрати за репортерски возила.
Со предложените измени, предвидени се четири ленти за „Ленинова“, што значи проширување на постојната улица за две ленти, а во план е и проширување на уште една споредна улица. Некои од сегашните еднонасочни улици, пак, предвидено е повторно да станат двонасочни.
ДУП-от е изложен до 26 јануари во просториите на ООУ „Коле Неделковски“ секој работен ден од 8 до 16 часот.