За да се наполнат европските складишта за гас – потребни се 50 милијарди евра, 10 пати повеќе отколку што се мислеше. И додека најмоќните енергетски компании се богатат, помалите добавувачи пропаѓаат поради ограничените цени. Многу земји, долго време, нема да можат ни да ги субвенционираат сметките на граѓаните и стопанството за гас и струја, кои се се повисоки.
За да ги заштитат граѓаните и економијата од скапите енергенти, државите се принудени да ги држат цените под контрола. Ова ограничување можат да го издржат само големите компании, додека помалите сè потешко работат.
Во Велика Британија дури 30 добавувачи банкротираа. Затоа некои европски земји веќе се откажуваат од субвенциите бидејќи приоритет е да се складира што е можно повеќе енергија за зимата, а тоа чини. Грција добива две третини од електричната енергија од гас. Се обидуваат да закупат складишта во Италија, но и да складираат што повеќе течен гас.
„Новиот пловечки резервоар, западно од Атина, е подготвен да го прими првото полнење на течен гас до крајот на август. Грчката влада презема заштитни мерки во случај на неповолно сценарио – прекин на испораките од Русија оваа зима.“, вели Костас Скрекас, грчкиот министер за енергетика.
Во земјите од Европската унија плановите за заштеда на енергија стануваат сè построги со цел да се заштедат резервите на гас за студените денови. Германските градови предничат во ова: Берлин ги исклучи светлата во 200 јавни згради, а некои веќе ја исклучуваат топлата вода и греењето во јавните и спортските објекти.
Најбогатиот и најдоминантниот фудбалски клуб во Германија, шампионот во Бундеслигата, Баерн, воведува режим на заштеда на ресурси на стадионот во Минхен.
Како што пренесуваат германските медиуми, Баерн наеднаш ќе воведе неколку ограничувања, кои ќе бидат препознаени како заштеда на ресурси во обезбедувањето на Алијанц Арената. Црвеното надворешно осветлување ќе биде вклучено само три часа по стемнувањето – наместо шест, како порано. Греењето на тревникот со гас ќе биде заменето со топлински пумпи со извор на воздух, а електричната енергија ќе се обезбедува со соларни панели инсталирани во арената. Ќе се намали моќта на вентилација и климатизација на целиот стадион, а сите тоалети ќе користат само ладна вода.
Шпанија воведе ригорозни итни мерки за штедење кои ќе важат до ноември следната година: претпријатијата, рестораните, музеите и јавниот транспорт мора да ги држат прозорците и вратите затворени додека климатизацијата и греењето работат на пропишани температури. На граѓаните им се препорачува да ги исклучат светилките и да ги спуштаат ролетните.
„Се проценува дека еден степен помалку ни заштедува седум отсто од енергијата. Големото јавно претпријатие, кое вклучува 90 хотели и над 100 ресторани, може да заштеди повеќе од милион евра годишно со примена на овие мерки“, вели Тереза Рибера, министерка за енергетика на Шпанија. А шпанскиот премиер Педро Санчез им предложи на мажите во јавниот и приватниот сектор да не носат вратоврски во жешките летни месеци, бидејќи ќе им биде попријатно.