Најмногу за еден месец ќе биде пуштен во употреба панорамскиот лифт на Милениумскиот крст на Водно, пишува „Утрински“. Билетот за возрасни и за деца над 14-годишна возраст ќе чини 50 денари, а возењето за децата од 6 до 14 години ќе чини 20 денари. Освен возењето со лифтот, дел од турата предвидува и движење на посетителите по краците на крстот, во присуство на едно лице вработено на крстот кое ќе ги проследува.
Инаку, лифтот е веќе монтиран и се вршат последни подготовки за неговото пуштање во употреба. Лифтот е набавен од Франција и чини околу 300.000 евра. Производ е на фабрика која е во првите три најдобри за ваков тип лифтови. Има капацитет за 10 лица, а возењето ќе трае околу една минута.