Познатата куќа на Андонци во штипско Ново Село, која е во фаза на реконструкција се очекува да биде готова за еден месец. Оваа куќа која е типичен пример за старата македонска архитектура беше откупена од страна на државата за сума од околу 90.000 евра и доверена на Министерството за култура, кое преку Заводот Музеј започна со нејзина обнова. Таа ќе биде претворена во музеј и во неа ќе има восочни фигури на познати штипјани низ историјата.
Реконструкцијата опфати отстранување на горниот кат, обнова на камениот, прв кат, а во тек е конструкцијата на горниот кат. Свеченото пуштање на реконструираната куќа-музеј во Ново Село се очекува да биде на Денот на градот, 19 декември 2014, односно на патронот на Штип свети Никола.
Градежните зафати се очекува да завршат според предвиденото, па затоа и отворањето на куќата-музеј е ставено во Предлог-програмата за одбележување на Денот на градот.
„Во Ново Село со ктиторство се градат две цркви. Првата е ‘Покров на Света Богородица’, а втората е токму спроти оваа куќа-музеј која се вика ‘Свети Димитрие Солунски’.
Исто така, општината од следната недела се очекува да започне со зафати за уредување на целата локација околу мостот во Ново Село, и на локацијата ‘Јавор’ токму кај црквата и реновираната куќа. На тој начин, целиот овој простор ќе добие нов и урбан лик, онака како што му доликува на легендарното Ново Село“, велат од локалната самоуправа во Штип.
Во Ново Село беше обновена и централната улица „Крсте Мисирков“ при што беше отстранет дотраениот асфалт и заменет со стара коцка, за да се долови автентичниот лик на Ново Село, познат уште од турско време. Исто така, привршува и пешачката патека до река Брегалница која води токму покрај патото каде се наоѓа куќата-музеј и мини-плоштадот „Јавор“.