Насловна / Вести / За две години се очекува Велес да биде гасифициран

За две години се очекува Велес да биде гасифициран

За две години се очекува Велес да биде гасифициран. Процесот на гасификација во Велес ќе го води новоформираното јавно претпријатие Велес-Гас“ – Велес, што беше формирано на 14 март, на седница на Советот на општината.гасификација

Од општината информираат дека со оваа Одлука општина Велес го основа јавното претпријатие за вршење енергетски дејности од јавен интерес од локално значење за општината и тоа дистрибуција на природен гас, управување со системот за дистрибуција на природен гас и снабдување со природен гас на тарифни потрошувачи приклучени на системот за дистрибуција на природен гас.

Како што појаснува адвокатот Душко Петров, претседател на Советот на општина Велес, согласно Законот за енергетика, член 4, и Статутот на општината, претпријатието ќе ги врши енергетските дејности од јавен интерес од локално значење за градот утврдени со закон, а согласно Националната класификација на дејности–НКД, Производство на гас, дистрибуција на гасовити горива преку дистрибутивни системи и трговија на гас преку дистрибутивните системи.

Информира дека почетните средства за работа на претпријатието, во износ од 300 илјади денари, се обезбедуваат од Буџетот на општина Велес.

Со гасификацијата на Велес придобивките ќе бидат огромни

Како што појаснува  Аце Коцевски градоначалник на општина Велес, со гасификацијата ќе  се направи огромна заштеда на финансиски средства.

-Затоа што гасот е убедливо поевтин од сите други енергенси, а  голем бенефит ќе имаме и заради заштитата на животната средина. Најпрвин ќе се изработи физибилити студија со нова анализа на потрошувачите на гас во Велес. Потоа треба да добиеме лиценца за дистрибуција, да се изготват проекти за секундарната и терцијарната мрежа, да се изградат секундарната и терцијарната мрежа и да се започне со процесот на приклучување,најави Коцевски.

За две години гасот ќе стигне во Велес-затоа подготовките мора веднаш да започнат

Целиот процес е планирано да трае во следните две години, период во кој  Владата на Република Македонија, гасот од Штип преку Свети Николе во должина од 28 километри ќе го доведе до Велес. Вкупната должина е осум км Штип–Свети Николе и 20 км Свети Николе –Велес. Одредена е точката од која гасот треба да пристигне во Велес. Велес е влезен во Програмата на приоритетни проекти на Владата на Република Македонија за гасификација во 2018 година.

– Оваа година главно ќе се водат процесите за експропријација и изработка на изведбено-техничка документација. Се очекува точно за две години гасот да пристигне во Велес. Општина Велес нема да го губи тој период од две години и ќе се искористи за сите неопходни активности, во моментот кога гасот ќе пристигне во Велес, во тој цевковод, да може веднаш да се започне со приклучување,појасни градоначалникот Коцевски.

Како ќе се одвива приклучувањето на мрежата за гас?

Како што информира градоначалникот Аце Коцевски, на системот најпрвин ќе се приклучи индустријата, потоа јавните објекти како што е општинската зграда, градинките, судот и сите други јавни институции лоцирани во Велес, потоа колективните станбени згради и најпосле индивидуалните семејни домаќинства.

– Поради тоа на бизнис заедницата и на другите јавни институции ќе им се дадат препораки уште од сега да планираат дека за две години ќе има гас во Велес за да може своите идни инвестициски зафати, како приспособување на топловодните системи и другите системи за користење на гас навреме да ги приспособат на идната состојба. Општина Велес веднаш ќе започне со создавање обврски на идните инвеститори, пред се’ на колективните станбени згради во процесот за добивање на одобрение за градба да бидат обврзани да предвидат приклучоци за гас, во становите и деловните објекти во рамки на тие згради, појасни Коцевски.

Заштеди во енергијата од 60 до 70 отсто

Според проценките и позитивните искуства од гасификацијата се очекуваат огромни заштеди кои ќе се движат од 60 до 70 проценти.

– Најголемиот ефект од заштедите, бизнис секторот ќе има можност овие средства да ги вложи во развој и отворање на нови работни места, очекува Коцевски.

Граѓаните го подржуваат доаѓањето на гасот во Велес

Најголем дел од граѓаните во изјавите за МИА, позитивно се изјаснија за формирањето на новото ЈП „Велес-гас“ и воопшто за скорото доаѓање на гасот во градот.

Лидија Петрова дава подршка на новоформираното јавно претпријатие за гас.

– Живеам во стан и носењето на дрва за огрев ми причинува голем проблем. Затоа ја поддржувам оваа одлука за скорото  доаѓање на гасот во јавните претпријатие, фирмите и домовите. Со гасот ќе ни биде полесно да се затопли домот и не ќе мораме да носиме дрва секој ден до петти кат. Тоа ќе значи поекономичност, иако знам дека на почетокот за приклучок  ќе треба да се вложат средства. Но воедно очекувам и  инвестицијата за кратко време да ни се исплати, односно по  исплатата на парите за приклучок, ќе имаме и заштеда на енергија и заштеда на средства, затоа го подржувам доаѓањето на гас во Велес, смета Петрова.

Ние со сопругата сме пензионери и живееме сами во сопствена индивидуална  куќа, а голем проблем секоја зима ни се дрвата за огрев, вели Никола Јовановски.

– Знам дека инвестицијата е скапа, но ќе значи почист дом, заштеда на енергија, а по неколку години и на средства, смета Јовановски.

(МИА/Антоанела Димитриевска)

Испрати коментар

Scroll To Top