Овој новобелградски стан од 1970-тите во неговата првобитна состојба се карактеризирал со многу бетон, мали соби и темно кафеав ентериер, а сега е проектиран во нешто сосема поинакво, широко, светло, шарено, весело и полно со енергија, пред се благодарение на белградското биро t.architectStudio.
Проектот наречен Yugo Memphis е карактеристичен и по тоа што со многу необични идеи и желби клиентот активно бил вклучен во самиот процес на проектирање, а во обид да се исполнат неговите барања создаден е еден вид хибриден стил, кој ги вклучува сите афинитети на корисникот.
Memphis дизајн со призвук на југоносталгија
Новото име на станот е инспирирано од фактот што во ентериерот е најдоминантен Memphis дизајнот со призвук на југоносталгија, изразена низ детали, а може да се каже и дека припаѓа на движењето максимализам.
Станот е еднострано ориентиран и зафаќа површина од 67 квадратни метри. Оригиналната просторна организација се состоела од влезен ходник без природно осветлување, потоа кујна и трпезарија, исто така без природно осветлување, остава, детска соба, бања, спална соба, дневна соба и лоѓиа.
„Идејата беше да се ослободи просторот од непотребните ѕидни прегради и мали соби“, велат архитектите.
Влезниот ходник, трпезаријата, кујната, детската и дневната соба се обединети во една мултифункционална просторија со различни амбиенти, „одвоена“ со положба на мебелот.
Како централен дел се искристализирал кујнскиот остров, кој служи како трпезарија, место за собирање, физичка преграда помеѓу кујната и дневната соба, а на прво место, поради изборот на материјали, островот претставува своевидна скулптура.
Архитектите истакнуваат дека ставот што го застапува Memphis дизајн движењето „Помалку е досадно“ (Less is bore) е нешто што дефинитивно го опишува корисникот на овој стан. Потсетуваат дека уште во 80-тите години на минатиот век, тим од италијански архитекти и дизајнери познати како Memphis Milano развиле естетика на ретро дизајн позната како Memphis Design.
„Поради немање склоност кон минималистичкиот стил на дизајн од 1960-тите и 1970-тите, група креативци тргнала да создава постмодернистички мебел, ткаенини, дезени, керамика и други украсни предмети инспирирани од Арт Деко и Поп Арт, спојувајќи ја аеродинамичната геометрија. и електрични бои“, велат проектантите и додаваат: „Тоа е стил кој се спротивставува на брутализмот и повоената архитектура и дизајн на ентериери. Често се опишува како претеран и кичест, бидејќи се карактеризира со светли бои, геометриски форми, пруги, спротиставени нијанси, апстрактни дизајни и пластичен ламинат“.
Проектната задача за овој стан била да се испочитуваат главните карактеристики на стилот, а притоа да се вклопи во посакуваната функционалност и да се прилагоди на естетиката на ова време.
„Она што обично го карактеризира проектирањето ентериери е тоа што клиентот се вселува по изведувањето и потоа го додава својот личен печат со своите работи, украси и користење. Од самиот почеток овој проект се разликува по тоа што во извесна смисла е проектиран во спротивна насока“, велат од бирото.
Долго и темелно обмислување
Така, најмалите детали и украси веднаш добиле своја позиција, а околу нив се дизајнирал мебелот околу кој се формирале просториите, а сличен метод се повторува и при изборот на бои и материјали.
„Се е многу долго и темелно обмислено, иако на крајот се добива резултат кој за многумина изгледа како креативен хаос“, објаснуваат проектантите и велат дека самата изведба на овој стан била повеќе од предизвик, со оглед на тоа што поголем дел од мебелот е изработен по мерка и дека избраните материјали и бои апсолутно не се применуваат кај нас често.
Исто така, многу елементи се антиквитети од поранешна Југославија, реставрирани и адаптирани.
Сонот на клиентот се претворен во реалност
Она што го разликува проектирањето ентериер од проектирање архитекттура е дека во првиот случај, карактерот на корисникот треба да се чувствува многу повеќе, и од оваа причина, бирото t.architectStudio овие проекти ги смета за многу поинтересни и предизвикувачки и објаснуваат: „Без разлика што проектира иста личност, тие можат, а и сметаме дека треба, да бидат сосема различни. Особено ако се работи за станбен простор. Тоа е нешто многу лично и иако проектантот има главен збор, тој треба да биде отворен за соработка, да ги слуша и да ги претвори соништата на своите клиенти во реалност “.
Додаваат дека личниот печат на проектантот секако дека е неизбежен, но и дека разновидноста во проектите е шармот на оваа работа, а клиентите се тие кои ја разбиваат монотонијата.
„Вистинската вештина е да се разбере и преточи желбата во функција, а не само да се направи нешто убаво или модерно“, заклучуваат на крајот архитектите.