Насловна / Вести / YouTube слави 20. роденден

YouTube слави 20. роденден

YouTube слави 20. роденден. Како се родила идејата која доведе до вирални сензации и која вивнува во ѕвездите? Као настанал каналот без кој животот во 21. век е незамислив.

A се започнало како необична идеја на тројца поранешни вработени во PayPal – Џавед Карим, Чед Харли и Стив Чен – кои го активирале својот домен на Денот на вљубените во 2005 година, не знаејќи точно каде ќе оди сето тоа, пишува Дојче веле.

На доделата на дипломи на Универзитетот Илиноис во 2007 година, Џавед Карим, инаку роден во Германија, објаснил: „Не знаевме ни како да го опишеме нашиот нов производ. За да привлечеме внимание, едноставно рековме дека тоа е нов вид страница за запознавање. Имавме дури и слоган: Вклучи се, поврзи се“.

Но, никој во САД не покажувал интерес за нивната страница. Не помогнале ниту огласите во специјализираните списанија во Лас Вегас и Лос Анџелес, каде на жените им нуделе 20 долари да ги објават своите видеа на страницата, не успеале.

Лајкнете, коментирајте или претплатете се

Тие го смениле правецот кога забележале дека корисниците наместо тоа поставуваат видео снимки од кучиња, одмори и слична содржина. „Тоа ни изгледаше мошне интересно. Си рековме: Зошто да не дозволиме корисниците сами да го дефинираат YouTube? До јуни, целосно ја редизајниравме страницата, правејќи ја поотворена за многу содржини. И тоа даде резултат“

Веќе во првата година од постоењето, YouTube привлече корисници ширум светот благодарение на едноставниот интерфејс и иновацијата што овозможи на секого да стане креатор на содржина – сè што им беше потребно беше кориснички налог и камера. Покрај тоа, корисниците можеа да лајкнат, да коментираат или да се претплатат, а содржините се нижеа. Така е создадено инклузивно, интерактивно искуство.

Во ноември 2006 година, Google го препозна потенцијалот на страницата и го купи YouTube за 1,65 милијарди долари во акции.

 

Моментот кој промени се

Според легендата за создавањето на YouTube, Карим дошол на идеја за кодирање веб-страница за споделување домашни видеа, откако во 2004 година неуспешно барал снимки од два сосема различни настани. Во февруари истата година, злогласниот инцидент Nipplegate за време на Super Bowl во САД, кога дел од облеката на пејачката Џенет Џексон се лизна за време на настапот со Џастин Тимберлејк, предизвика огромен интерес за видео клиповите. Во декември истата година, разорното цунами во Индискиот Океан ги натера луѓето ширум светот очајно да бараат и да споделуваат видеа од катастрофата. Денес, повеќе од 500 часа содржина се поставуваат на YouTube секоја минута.

Платформата стана дом на вирални видео снимки, кои оставија неизбришлива трага на глобалната култура – без разлика дали се работи за невиниот шарм на Charlie Bit My Finger или заразната енергија на хитот на јужнокорејскиот пеач Псај, Gangnam Style од 2012 година. Ова последново беше првото видео кое достигна милијарда прегледи, а исто така ја покажа способноста на YouTube да ги надмине културните и јазичните бариери. Во моментов, најгледаното видео на YouTube е Baby Shark Dance со повеќе од 15 милијарди прегледи.

Од анонимни луѓе до светски ѕвезди

Ниту една приказна за создавањето на YouTube не може да помине без да се спомене поп сензацијата Џастин Бибер. Во 2007 година, неговата мајка, Пети Малет, постави видеа од нејзиниот син како пее обработки на популарни песни, што го привлече вниманието на менаџерот Скутер Браун. Останатото е музичка историја, но неговиот успех покажа дека YouTube може да биде отскочна даска за неоткриените таленти. Славата на Бибер исто така илустрираше како YouTube може да ги израмни шансите во забавната индустрија, овозможувајки било кому  со камера и добар глас да стане следната голема ѕвезда.

Холивуд повикува!

Истото важи и за филмската индустрија. Пример е краткиот филм Nothing, Except Everything на режисерот Велсли Ванг. Филмот за тинејџерската анксиозност, кој го снимил за време на последната година од средното училиште, стана вирален и собра повеќе од 4,4 милиони прегледи на YouTube. Ја освои Големата награда на жирито на фестивалот за краток независен филм во Индијанаполис. Ванг сега соработува со продуцентската куќа на познатиот режисер Дарен Аронофски на долгометражна верзија на филмот.

Слично на тоа, австралиските близнаци Даниел и Мајкл Филипу, креаторите на каналот на YouTube RackaRacka, постигнаа голем успех со нивниот хорор филм од 2022 година „Talk To Me“.

Како да…?

YouTube е можеби најпознатото место и извор на корисни трикови и совети – од Како да  ја фотографирате Месечината со iPhone до Чистење со Кока-Кола. Каналите како TED-Ed, Khan Academy и CrashCourse ја претворија платформата во виртуелна училница достапна за секого, каде и да се наоѓа. Според истражувањето на Pew Research Center од 2021 година, за време на пандемијата на Ковид и заклучувањата, YouTube забележа најголем раст од сите социјални мрежи, бидејќи луѓето бараа креативни начини да го поминуваат своето време.

Интересен факт: Финес О’Конел – познат и како брат на Били Ајлиш, но и како нејзин музички продуцент – во 2021 година изјави дека основите на музиката ги научил од своите родители, а останатото од YouTube. Тој го продуцираше деби албумот на Ајлиш When We All Fall Sleep, Where Do We Go?, кој освои неколку Греми награди во 2020 година, вклучувајќи ја и албум на годината.

Критики и контроверзии

Сепак, платформата се соочи и со критики за начинот на кој управува со авторските права, за ширење теории на заговор и несоодветна содржина. Воведени се различни мерки за решавање на овие прооблеми, вклучувајќи построги упатства за содржината и подобрени алгоритми за филтрирање на штетни материјали. На пример, платформата се соочи со критики за нејзиниот потенцијал да шири дезинформации за вакцините и екстремистичка содржина, што доведува до построги правила за управување и партнерства со организации за проверка на факти. Сепак, критичарите тврдат дека дезинформациите опстојуваат, а Гугл ги одбива регулативите на ЕУ кои би се занимавале со тоа.

Што се случи со основачите на YouTube?

Видеото Me at the zoo официјално е првото видео поставено на YouTube на 23 април 2005 година. Трае 19 секунди и го прикажува Џавед Карим како стои пред ограден простор за слонови во зоолошката градина во Сан Диего. Но, за разлика од технолошките магнати кои сакаат да бидат во центарот на вниманието, Карим, Харли и Чен главно водеа мирни животи откако го продадоа YouTube. Сите тројца инвестираа во различни старт-ап проекти низ годините, но ја избегнаа јавната сцена. Еден коментар на YouTube можеби најдобро го сумира нивното влијание: „Лудо е кога ќе помислите дека тие тројца момци го променија не само интернетот, туку и целиот свет“.

Испрати коментар

Scroll To Top