Компанијата Yahoo соопшти во среда дека во 2013 година била цел на информатички напад со кој биле погодени „повеќе од милијарда“ корисници и на кој му претходел напад на 500 милиони нејзини корисници.
„Yahoo смета дека неовластена трета страна во август 2013 година украла податоци поврзани со повеќе од милијарда кориснички сметки“, соопшти оваа компанија.
Yahoo рече дека меѓу украдените информации за корисничките сметки би можеле да бидат имиња, електронски адреси, броеви на телефони и датуми на раѓање на неговите клиенти, иако тврди дека податоците за нивните кредитни картички и банкарските сметки не се хакирани.
Компанијата смета дека овој нов напад „најверојатно“ се разликува од големиот хакерски напад што беше откриен кон крајот на септември, но беше изведен во 2014 година и погоди 500 милиони корисници.
Овој нов удар се случува во најлошо време за Yahoo, кој кон крајот на јули му ги продаде на Verizon своите главни дејности (Yahoo Mail, Yahoo News) за 4,8 милијарди долари.