Насловна / Арт и дизајн / Чуствителни урбани и рурални ткива

Чуствителни урбани и рурални ткива

godisna-izlozba-thumb.jpgЕТХ- Швајцарскиот федерален фнститут за технологија во Цирих претставува еден од водечките факултети во светот. Со 21 добитник на Нобелова награда, одличното реноме на факултетот се пренесува на секој индивидуален студент преку истражување во одредената насока. Институтот за архитектура при ЕТХ е организиран на тој начин што секоја катедра функционира како независна организација.

Секоја го носи карактерот на посебен институт, и индивидуално ги изработува сопствените задачи во образовната и истражувачката насока.

Овогодишната изложба на Институтот за архитектура, која се отвори на 29 септември и траеше до 28 октомври, претставува презентација и симбиоза на делата на секое студио посебно. Вклучува студентски трудови од студиите по архитектонски дизајн, технологија и визуелен дизајн, теорија на архитектонско истражување и историја на архитектура. Делата изложени на изложбата се изработени во претходната година 2009/2010, односно во претходните два семестри. Во проектите се вклучени и поединечните развивања и истражувања на одредена теза во секое од студијата за напредни постдипломски студии.
godisna-izlozba-1.jpg
Институтот за историја и теорија на архитектура, Институтот за архитектонска технологија, Институтот за истражување и конзервација на историски објекти, Пејзажен град со ЕТХ студиото во Базел, Институтот за современ град, Институтот за урбан дизајн и Институтот за пејзажна архитектура, заеднички ги презентираат своите дела и истражувања во сопствените поединечни области. На оваа изложба јасно се видливи индивидуалните архитектонски пристапи и дисциплини, коишто заедно го градат овој Архитектонски институт.

Годишниот алманах за архитектонската изложба ги појаснува основните тези, на кои се темели архитектонското истражување во изминатата година на ЕТХ Цирих. За да се задржи чекорот со глобалните предизвици, архитектонските истражувања и начинот на перцепирање на архитектурата треба да станува се покомплексен. Целосниот дискурс на практицирање архитектура и урбан дизајн, треба да се отвори и да го прошири своето поле. 

godisna-izlozba-2.jpg

Архитектурата се развива заеднички со проучувањата во областите етика, социологија, филозофија, психологија, меѓутоа основното размислување треба да се насочи и кон разбирањето на глобалната политика и економијата, и дали архитектурата може да ги реши проблемите на современото време. Проблемите како недостиг на јавен простор, промената на економските услови, промената на условите во домовите за колективно живеење, климатската промена и замирањето на живот, премала населеност во одредени урбани конгломерати наспроти проблемот со пренаселеност, се всушност теми кои ги засегаат архитектите и институтите за архитектура од целиот свет.

Д+К+И

Секоја од поединечните програми на факултетот се насочени истовремено да развиваат истражувачки дух, исто колку и пренесувањето на образованието. Преку модели, цртежи и континуирана архитектонска продукција, постојано се испробуваат разни архитектонски типови и сценарија, кои можат да бидат во почетна или продолжителна фаза на одреден урбан или рурален контекст. Во годишниот алманах, проф. д-р Марк Ангелил, декан на Институтот за архитектура, истакнува дека студиите имаат дури и јасна математичка формула: Д+К+И дизајн + конструкција + интегрирани дисциплини. Значи, паралелно со архитектонскиот дискурс. Целосната методологија симболично се развива во иднина, како книгата на Итало Калвино "Шест предлози за следниот милениум: светлина, брзина, точност, видливост, мултипликативност и конзистентност".

ПРОФЕСИОНАЛНИ ПРАШАЊА

Архитектонски модели во најразлични техники, изработка на проекти и цртежи во разновидна палета на софтвери, е повеќе од видливо во визуелната презентација на проектите. Доминираа локации од територии во развој, од Латинска Америка и Африка, но како и контрапункт на постоечкиот архитектонски план во швајцарските градови. Забележливи се прашањата поставени и директно на самите проекти: Како да се направи решение за земјите, каде што зголемувањето на популацијата е во постојан раст? Како да се трансформираат градовите во самодоволни простори? Како да се направи транзицијата помеѓу експериментот до конкретно архитектонско решение? 

godisna-izlozba-3.jpg

Како да се интегрираат живеалиштата и луѓето, архитектонскиот субјект и политичката активност? Новите архитектонски модели треба да одговорат на прашањата за самодоволност, густина на населеност и живост на градот. Прашањата што постојано се поставуваат без разлика дали се работи за архитектонски модел, цртеж, основа, 3д визуелзиација, или присуствувате на некое од предавањата на професорите по архитектура се следниве: Дали архитектурата во новото современо време може да ги премости проблемите на глобалната економија и политика? Дали светот, каде што постојано се случуваат економски кризи, треба да ја смени својата насока и да дозволи некои од овие утопистички проекти да почнат да решаваат сензитивни места во урбаното јадро?

ЕТХ Цирих го развива духот на вистинската архитектура, на онаа што гледа подалеку од идеалната 3д визуелизација и идеалниот свет. Локациите и условите на коишто се работи, се чувствителни области во светот и териториите во развој. 

godisna-izlozba-4.jpg

Прашањето што останува е дали може вистинската архитектура за обичниот човек да стане приоритет? Значи, дали во оние земји каде што постои проблем со основните услови како вода, вентилација, светлина, безбедност, обезбедување на храна и вода, може истата презентација на проекти да се пренесе до повисоките власти, кои би можеле да ги имплементираат во реалноста.

Институтот за напредни постдипломски студии по урбан дизајн во архитектурата, што работи на локацијата на Бразил и Латинска Америка под раководство на проф. д-р Марк Ангелил, во изминатата година доби прва награда за архитектонски труд, кој ќе се реализира на локацијата на Рио. Забележлив е трудот на самите архитектонски институти да ги пренесат, да ги публикуваат и да ги презентираат и аплицираат студентските трудови. Првиот чекор е веќе направен. Во повеќето од проектите е видлива јасната порака оти периферијата го носи градот, дека териториите во развој се заднината, телото на светот, дека е време за промени, и дека вистинските промени можат да се случат само преку примената на архитектонски дизајн во сензитивните урбани и рурални ткива.

Испрати коментар

Scroll To Top