Една од типичните американски приказни создадени за време на студената војна е приказната за млад добар Американец кој насилно го извлекле од студентска клупа и одвеле во со војна затруената Европа, да убива, ниту крив ниту должен. Колку и да немаме веќе трпение за вакви приказни, да се стрпиме малку, бидејќи оваа е вистина. Тој добар американец, кого војната го направила пилот и мајстор за противвоздушна одбрана, се вратил во татковината жив и (по)здрав од повеќето негови сограѓани кои останале од другата страна на големата вода. Ги завршил студиите по уметност на Универзитетот во Охајо, ги искористил воените искуства во своја полза и станал еден од најпознатите сликари на 20 век. Неговото име е Рој Лихтенштајн.
Рој Лихтенштајн (1923-1997) е еден од основачите на поп-артот, движење кое претставува противтежа на техниките и концептите на апстрактниот експресионизам и кој ги возвишува техниките на масовните медии и икони на популарната култура. Лихтенштајн позајмувал содржини од популарната култура за да ги смести во друг, нов контекст, создавајќи ја на тој начин новата форма на уметноста поп-арт.
Девојка која се дави
За време на Втората светска војна, младиот американски војник и уметник престојувајќи во Европа стигнал и до Париз. Се надевал дека таму ќе се запознае со Пикасо. Стигнал до неговото ателје, но немал сила да тропне на вратата… Дороти Лихтенштајн, сопругата на уметникот, во своите сеќавања вели: „…Немаше сила да тропне на вратата бидејќи беше срамежлив”.
Лихтенштајн немал храброст да тропне на вратата на Пикасо и физички да се соочи со присуството на горостасот, но, во тишината и приватноста на своето ателје, ја раздвижил анатомијата на делата на Пикасо правејќи свои интерпретации.
Жена со цветна шапка
Лихтенштајн изградил специфичен стил изразувајќи ја состојбата на „античувствителност“ во поплавата на масовните медиуми. Во своите дела имитирал цртани филмови и херои на стриповите на Дизни, реклами за апарати за домаќинство, виршли, колачи, риби, користејќи црна линија и палета на основни бои. Лихтенштајн комбинира точки со интензивна боја и црни контури.
Прстен (свршувачка)
Кога ќе се приближите до платното, се наоѓате во мрежа од црни линии и обоени полиња. Наслагите на боја се на површината на платното без емоции, сите се механички нанесени. Сликите имаат своја илузија за простор кој е граден со растер, со што се симулираат сенката и тоналитетот на полето. Неговите сцени се директни, забавни и истиот момент разбирливи. Не им треба никакво толкување.
Девојка која плаче
Лихтенштајн го започнал она што денес го знаеме како почеток на современата уметност. Со воведувањето на контекстот, како доминантна компонента на едно дело, донел пресврт во тогашната форма на изразување во визуелната уметност. Со воведување на сцена која била специфична и која не ги изразувала личните карактеристики на творецот, туку зборувала за културата од која потекнува, тој отворил ново поглавје во уметноста на 20 век.
Во автомобил
Големите слики кои ги имитираат таблите преземени од популарните стрипови од 60-тите ги нагласуваат темите со кои американската јавност била преплавена во тие години – хероите на војната и љубовните неволји на тинејџерите.
Една од неговите најпознати слики е диптихот, создаден во 1963 година со многу едноставно име – Whaam!
Whaam е ономатопеја на лансирање на ракета прикажана на првиот дел од сликата. Вториот дел прикажува авион кој се руши во пламен. Тоа не е измислена сцена туку репродукција на постоечки стрип. Ономатопеи, врарамување фигури со црна и балончиња со текст, типични за стрип, се појавуваат на сликите на Лихтенштајн, но треба да се земе предвид дека сликарот сите овие елементи ги правел со рака, не користел печатење.
Првиот дел од диптихот е преземен од стрипот All American Men of War, епизода Star Jockey (број 89, февруари 1962 година) од Ирв Новик. Оригинално, оваа е сцена од сонот на фиктивен пилот од Втората светска војна, кој сонува дека со ракети соборува непријателски авиони. Лихтенштајн оваа сцена ја споил со сцената на авионската несреќа од епизодата Wingmate of Doom на Џери Гранџинт (број 90, април 1962 година). Толкувањето може да оди во две насоки, во зависност од тоа дали сте добар Американец од 60-тите или не. Ако е така, тогаш сè е во ред, вашиот воен херој, висок, мускулест, никогаш поразен, соборува непријателски авион што се урива во пламен. Пламенот на вечната слава на победникот, може да се каже.
Доколку не сте добар Американец, можете да се запрашате кој бил во другиот авион. Или, уште полошо, дали втората сцена, вака насилно истргната од некој сосема друг стрип, е всушност судбината што го чека херојот од почетокот? Ако е така, тогаш дали е важно под чие знаме фрлате ракети? И дали војната се исплати или секогаш ги погодува сите, без исклучок?
Во двата случаи – Лихтенштајн го погоди центарот на целта. Патриотските чувства на едните, како и чувството на апсурдноста на војната на другите, можат да се најдат на сликата. Секој од нас стои на едната страна од овој диптих, а фактот дека една слика е способна да не разнесе сите со еднаква жестокост е доказ дека сликарот во војната, ако ништо друго, барем научил добро да нишани. Whaam! господа – сите сме статистика во доба на вакви ономатопеи.
Во 1966 година, сликата е откупена од галеријата Тејт, каде што е постојано изложена од 2006 година.