Од 12 до 14 јули, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се одржи второто издание на „Паратисима Скопје“ – Интернационалниот саем на уметност посветен на поддршка и промоција на културата, уметноста и креативните индустрии. Покрај главната уметничка поставка во која учество ќе земат повеќе од стотина светски автори, програмата содржи и концерти, работилници, перформанси, поетски читања и видео проекции.
Во главната уметничка изложба најавено е учество на над 100 автори од Италија, САД, Данска, Иран, Русија, Србија, Хрватска, Турција, Чиле, Франција, Словачка, Грција, Норвешка, Финска, Кореа, Црна Гора и од Македонија, а тродневната програма содржи и многубројни концерти на интернационални и локални музички артисти, гостувачки и овдешни работилници, перформанси, поетски читања и видео проекции и соработки со академии од земјава и од странство. Сите тие го најавија своето присуство на Саемот на отворениот конкурс што организаторите го распишаа неколку месеци во пресрет на случувањето.
Нада Прља е куратор на „Паратисима Скопје 2015“ .
„Паратисима Скопје“ и оваа година ќе награди 10 најкреативни учесници, и ќе им овозможи своето дело да го изложат на Саемот за уметност „Паратисима“ во Торино, кој ќе се одржи во периодот од 4 до 8 ноември. Покрај тоа, на манифестацијата ќе бидат селектирани и два автори кои ќе добијат можност самостојно да се претстават во скопската галерија „Флукс“ во текот на оваа 2015 година.