Насловна / Архитектура / Втора награда на конкурсот „Плоштадот на независноста“ во Подгорица

Втора награда на конкурсот „Плоштадот на независноста“ во Подгорица

Автори: Ирена Милојеска, Натали Мицевска, Елена Андонова

Година: 2020

Локација: Подгорица, Црна Гора

Наслов на конкурсната задача: Меѓународен конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за „Плоштадот на независноста“ во Подгорица, Црна Гора

Награда: Второ место

Жири-комисија:

Никола Дракиќ – претседател на комисијата

Драган Вуковиќ – главен државен архитект

Милан Ѓуриќ – архитект

Саша Беговиќ – архитект

Симеун Матовиќ – градежен инженер

Филип Алексиќ – главен градски архитект

Милјан Баровиќ – секретар на Секретаријатот за планирање простор и одржлив развој

2020-Andonova_Milojeska_Micevska-Podgorica-osnova_resize

Во јули 2020 година е распишан меѓународен, анонимен и еднофазен конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за „Плоштадот на независноста“ во Подгорица, Црна Гора, чија основна цел беше да се одбере дизајн кој ќе биде во согласност со потребите на граѓаните и посетителите на градот Подгорица и на препознатлив и уникатен начин ќе обезбеди активно користење на тој простор.

Во ноември 2020, на официјалната веб-страница на Град  Подгорица со исклучителна прецизност и запазување  на дадените временски рокови од страна на жири-комисијата, беа објавени неколку извештаи во кои беа објаснети сите постапки кои се воделе од распишувањето на конкурсот, па сè до отворањето на пристигнатите трудови. Во последниот извештај беа наведени победничките решенија анонимно со шифра, и на нашиот проект, односно проектот под шифрата COLLIS91, зад која стојат Ирена Милојеска, Натали Мицевска и Елена Андонова од Македонија, му беше доделена втората награда во конкуренција од 35 трудови од цел свет. Наградата не била доделена едногласно, поради тоа што тројца од вкупно седумте членови во жирито гласале ова решение да биде наградено со прво место, но по пат на гласање првото место е доделено на тим од САД во кој учествувале веќе истакнати архитекти од моментално, една од водечките архитектонски фирми во светот, ОМА. Конечните резултати и нивното официјално објавување се случи на 28.11.2020 година на прес-конференција во Подгорица во која учествуваше и градоначалникот Иван Вуковиќ. Особена пофалба ни беше доделена од страна на жири-комисијата, поради фактот што второто место е доделено на млади архитектки кои професионално делуваат во светот на архитектурата помалку од 2 години.

2020-Andonova_Milojeska_Micevska-Podgorica-montaza_resize

НОВО ЧИТАЊЕ НА ТИПОЛОГИЈАТА – ПЛОШТАД

Барањата на конкурсната програма вклучуваат редизајнирање на површината на постоечкиот плоштад, решавање на сообраќајот и движењето во поблиската околина, како и обезбедување три подземни нивоа, од кои првото ќе вклучува мали трговски единици, а другите две, подземен паркинг кој ќе помогне во решавање на проблемот со паркирањето во таа зона.

За таа цел, oвој труд, предлага ново читање на типологијата – плоштад, во кој истиот ќе претставува нов симбол на градот и ќе биде фокус на социјална интеракција, а истовремено ќе понуди решение за сите недостатоци кои го направиле овој простор неатрактивен и неупотреблив.

2020-Andonova_Milojeska_Micevska-Podgorica-kolaz_02_resize

Градските плоштади, како места за демократско и културно изразување во современите градови, се клучен стимул за развојот на еден град. Градските плоштади ја отелотворуваат енергијата на граѓаните и поради тоа е од голема важност да се укаже на улогата на плоштадите во граѓанското изразување и на она што е потребно за да се врати животот во овој јавен простор. Социјалните интеракции се овозможени од динамички релации помеѓу просторот, формата и функцијата. Ако се осврнеме на развојот на градот низ годините, сè помалку може да се потпреме на познатите урбани типологии и принципи.

2020-Andonova_Milojeska_Micevska-Podgorica-kolaz_01_resize

„Плоштадот на независноста“ во Подгорица, со својот статичен и неартикулиран урбан пејзаж полека се губи од колективната меморија на градот, како место на културни и социјални случувања. Долгиот процес на општествена транзиција, како и просторната фрагментација поради бројни неврзани зафати и интервенции на просторот оставиле белег на околните зданија и на самиот плоштад. „Плоштадот на независноста“ повеќе не претставува интегрален дел на јавниот живот и фокус на главните градски случувања во Подгорица.

2020-Andonova_Milojeska_Micevska-Podgorica-kolaz_04_resize

НОВИ ПРОПРАТНИ СОДРЖИНИ

За да се промени моменталната состојба на тој простор, овој авторски труд предлага низа на постапки, започнувајќи со согледување на просторните карактеристики од урбанистички аспект, преку решавање на сообраќајот и пристапот до плоштадот и додавање нови пропратни содржини. Предложено е претворање на околните улици во пешачки зони со цел да се зголеми зафатнината на плоштадот како јавна површина. Ортогоналната улична мрежа ќе остане непроменета со пренасочување на сообраќајот во две подземни еднонасочни улици. („Бокешка“ и „Вучедолска улица“). Овие подземни улици се користат како рампи кон подземните нивоа (-2 и -3) под плоштадот искористени за паркирање. На првото подземно ниво (-1) е комерцијалниот кат со неутрален план кој може да прими секаква програма и да се приспособи на секое идно сценарио. Преку модуларни простори со стаклени прегради, планот дозволува секаква измена без промена на првичната хипотеза.

analizi

Новото решение ја почитува големината и значајноста на плоштадот и заради тоа пристапот е воздржан и минималистички во однос на архитектонската интервенција, но сепак е присутен како архитектонски гест.  Читајќи ја ортогоналната матрица на градот, се задржува главната оска од Његошев парк, преку Националниот театар и Библиотеката до Плоштадот, но се воведува и дијагоналата преку охрабрување на движење надвор од x, y- оските со прекршување на класичното видување на типологијата, плоштад како правоаголна форма со две димензии. Воведена е третата димензија со цел да се предизвика  динамично читање на просторот. Тоа што било унифициран, замрен простор сега е спој на неколку закосени плочи, секоја од нив продолжувајќи го времето на посетителот и овозможувајќи различни визури од неколку денивелации и случување на различни активности на различни делови од плоштадот симултано. Ова решение нуди скулптурална експресија која се повикува на локалниот црногорски релјеф и овозможува суптилна транзиција помеѓу просторот надвор и просторот внатре. Овие плочи овозможуваат споменикот да биде во центарот на вниманието од повеќе нивоа.  Поплочувањето на плоштадот, како и клупите и жардиниерите се изведени  со локален камен-варовник заради неговата трајност и отпорност на временски непогоди. Секоја жардиниера е поврзана со дренажен канал за оптимална иригација и дренажа на целиот плоштад. Флората на плоштадот е составена од повеќегодишни растенија како Hosta, Sedum Herbstfreude, Alchemilla, Anemone, Kalimeris, Persicaria, Nepeta  итн.

2020-Andonova_Milojeska_Micevska-Podgorica-isometric_01_resize

Галванизиран челик е користен кај вентилационите канали кои ги содржат инсталациите за двете паркинг-нивоа и комерцијалното ниво. LED-осветлување е искористено за амбиенталното светло на плоштадот. Фасадите на јавните зданија се преобмислени со парчиња перфориран лим, додека пак фасадите на станбените објекти стануваат дел од плоштадот со комбинирање на аерирани брисолеи и перголи, кои служат за засенчување на пешачките патеки околу плоштадот. Користејќи вертикално зеленило како пасивен пристап кон одржлив дизајн, истото игра клучна улога во регулирање на температурата и преносот на топлина во објектите. Подземните нивоа се решени со армиранобетонски систем со капители и скриени греди. Со цел да се постигне непропустливост на бетонот користен е кристализатор, што е временски и економски најповолна опција. Армиранобетонските плочи се составени од 2/3 четири фракции и 1/3 три фракции, кои дозволуваат да се користи  цеметнокварцен завршен слој погоден за механички товарени подови кои бараат голема отпорност. Излозите на локалите на комерцијалното ниво се изработени со алуминиум со термални мостови и стакло за топлинска ефикасност. Флората на комерцијалното ниво е овозможена со екстензивен систем кој дозволува различни растенија да виреат на ова ниво. Подземните нивоа како и околните зданија се обезбедени по својот периметар со армиранобетонски бунари кои би се поставиле за време на ископот.

Овој проект иницира дијалог меѓу луѓе со различни идеи и преку инклузивен процес се стреми да создаде јавен простор во Подгорица кој создава локални вредности и служи на потребите на заедницата.

2020-Andonova_Milojeska_Micevska-Podgorica-kolaz_03_resize

ПЛОД НА УСПЕШНА СОРАБОТКА

Со оглед на отежнатите услови поради моменталната состојба како и огромната конкуренција, горди сме што го прифативме овој предизвик и се надеваме дека покажавме дека треба да им се даде место под сонцето на младите архитекти на македонската сцена за да го покажат својот квалитет, кој е рамо до рамо со оној на светски признатите. Сведоци сме на многу успеси на наши млади колеги кои добиваат огромни признанија и награди во европски и светски рамки, а поради недостатокот на вакви конкурси или конкурси кои се организираат во исклучително нетранспаретни, недостапни и неразбирливи услови, не добиваат никакво признание во сопствената земја.

2020-Andonova_Milojeska_Micevska-presek_2-2_resize

Ваквата награда која е плод на нашата успешна соработка, почнувајќи од студентските денови, е потврда за нашиот квалитет и придонесува во нашето понатамошно професионално надградување, и се надеваме дека истото ќе имаме можност директно да го аплицираме во нашата држава и ќе помогнеме во создавањето на подобри и похумани простори.

Model

Извадок од рецензијата на жири-комисијата: 

,,Втората награда се доделува на исклучително чист и концептуално јасен труд. Просторната едноставност на плоштадот е постигната со минимални средства и постапки. Нивелацијата на плочите на плоштадот, кои благо се закосуваат кон самиот центар на истиот, остваруваат одлична просторна сензација. Ова решение му дава сценичност и скулптуралност на плоштадот до степен на создавање класична сила на самиот простор. Поделбата на плоштадот на две потцелини, овозможува просторно смалување и отвора можност за случување различни активности во различни делови истовремено. Тоа може да се смета како предност, но и како недостаток на ова решение. Од една страна се овозможува одржување на повеќе мали случувања, но се смалува можноста за оддржување на еден голем настан низ целата површина на плоштадот. Но, тоа никако не ја смалува одличната разработка на концептот за тој урбан простор. Сите останати елементи се одлично и складно дизајнирани во согласност со потребите. Соодветно се решени пешачките и коолските движења, зеленилото, урбаната опрема како и приказот на различни можни програмски содржини. Трудот придонесува за активно реобмислување на урбаниот јавен простор“.

Автори: Ирена Милојеска, дипл.инж.арх, Натали Мицевска, дипл.инж.арх, Елена Андонова, дипл.инж.арх,

IMG_20201211_124329 (5)_resize

Испрати коментар

Scroll To Top