Денес во 9 часот во амфитеатарот на Технолошко-Металуршкиот факултет во Скопје започна дводневната научна конференција GREDIT 2018. Ова е втора конференцијата во организација на Балканската асоцијација за животна средина (БЕНА).
Потенцирање на важноста на зелените пристапи при управување со животната средина, преку планирање и имплементација/искористување на еколошките технологии и системи во одржливите Зелени инфраструктури, е цел на дводневната меѓународна научна конференција „GREDIT 2018“.
„Како одговорни членови на нашите заедници, препознаваме и разбираме дека наша е одговорноста да ги вложиме сите напори за постигнување Одржлив развој за нашите идни генерации. Плодовите на развојот, како што се модерните услови за живеење или практичните секојдневни добра, можеби сега се „слатки“, но најверојатно ќе станат „кисели“ доколку продолжиме да ги деградираме животната средина и природните ресурси, како што се квалитетот на воздухот, водата и почвата. Уверувањето за продолжување на квалитетот на она што го имаме е голем предизвик за нашите заедници во однос на нашите идни генерации. Затоа, наша апсолутна обврска е да ставиме акцент на критериумите за одржливост во сите претстојни напори за развој“, рече д-р Џанер Занбак, потпретседател на Балканската асоцијација за животна средина (БЕНА) на денешното отворање на научната конференција.
Македонија, како мала држава, треба да ги препознава промените во светот и да се прилагодува на новите технологии за одржување на човечката животна средина, порача вицепремиерот за економски прашања во Владата на Република Македонија, Кочо Анѓушев на денешното отворање на Конференцијата.
„Практично, сите сме сведоци како климатските и еколошките промени не предупредуваат. За жал, сите забораваме на овие предупредувања откако ќе помине кризата, но само до следната криза, која може да биде поголема. Затоа, треба да се определиме за похрабри чекори кон решавање на проблемите со животната средина. Прв ваков чекор е да се реши проблемот со дивите, но и со организираните, депонии на смет во државата. Како Влада се договоривме за организиран, регионален, пристап кон овој проблем и затоа, ќе отвориме 4 регионални депонии, за собирање и преработка на сметот. Второ, треба да се реши проблемот со отпадните води кои треба да се соберат во организиран канализационен систем и да бидат прочистени пред да се пуштат во природните води. Владата посветено ќе работи на реализација на проекти за подобрување на животната средина за македонските граѓани, а во целиот процес ќе имаме блиска соработка со академската заедница, да ги искористиме нивните знаења и искуства, за максимални ефекти од проектите“, посочи вицепремиерот Анѓушев.
Според професор Даме Димитровски, претседател на Организацискиот одбор на ГРЕДИТ 2018, веднаш по завршување на претходната првата научна конференција станало јасно дека постојат голеим предизвици кои треба да се решат во однос на заштитата на животната средина.
„GREDIT2018 е посветена на зелениот развој, зелената инфраструктура и зелените технологии. Веднаш по заклучоците од GREDIT2016 стана јасно дека е потребно научните и техничките достигнувања од областа на влијанијата врз животната средина практично да бидат применети. Градоначалникот на Скопје, како и на неколку други градови во светот, имаат сериозен предизвик, итно да спроведат политики на зелениот развој, зелената инфраструктура и зелените технологии за да може да обезбедат здрава урбана средина“, вели Димитровски од Машинскиот факултет во Скопје.
На втората научна конференција, во организација на Балканската асоцијација за животна средина (БЕНА), која се одржа на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, на Технолошко металуршкиот факултет, 300 научници од 20 држави дебатираа на тема „Урбано загадување на воздухот и депонии за уништување на комунален отпад – нерегулирани депонии“. На конференцијата беа претставени 150 научни трудови на автори од Македонија, Иран, Турција, Кипар, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Украина, Русија, Албанија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна, Хрватска, Италија, Португалија, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и други земји. Притоа, беа презентирани истражувања на теми, како што се Загадување на воздухот, водите и почвите, Проценка на ризик во животнста средина, Одржлив развој, Обновливи извори на енергија и управување со природните ресурси, Земјоделство, шумарство, агро-екологија, безбедност на квалитетот на храната, Управување со урбан и индустриски отпад и отпадни води, Климатски промени – биодиверзитет – Енергетска ефикасност, Зелени паметни градови / општества – зелена архитектура и транспорт, Здравје и животна средина и други.
Примарна цел на БЕНА е да ја зголеми свеста за конфликтните аспекти на индустријализацијата и растот на урбаниот животен стил, кои бараат зголемена употреба на природните ресурси, создавање отпад и деградација на квалитетот на животната средина на локално, регионално и глобално ниво. Во текот на последните две децении, B.EN.A. обезбедува ефикасни форуми за академските, административните и комуналните власти и организации во балканскиот регион да ја подигнат свеста и да внесат мултидисциплинарни пристапи кон инфраструктурни проекти за заштита на животната средина.
Оваа конфеернција е организирана како заеднички напор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Балканската еколошка асоцијација БЕНА, Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија, Пакомак, Организацијате ФУЕЛ и 6-тата ѕвезда.
Повеќе информации за конференцијата на линк: www.benainfo.net/gredit
Повеќе информации за BENA на линк: http://www.jepe-journal.info/bena