За да ги исполни целите во борбата против климатските промени, Кина во 2021 година инсталираше нови капацитети на обновливи извори на енергија, и тоа 53 GW соларни централи и 48 GW ветерни електрани.
Ова е втора година по ред како оваа азиска земја инсталира повеќе од 100 GW обновлива енергија. До 2030 година, Кинезите се стремат да инсталираат 1.200 GW соларна и ветерна енергија за да постигнат јаглеродна неутралност до утврдениот рок до 2060 година.
Со инсталирањето на 16,9 GW крајбрежни ветерни електрани минатата година, Кина стана светски рекордер во капацитетот на морските турбини на ветер, јавуваат локалните медиуми. Интересот на инвеститорите се зголеми за четири пати во однос на претходната година, што се припишува на компаниите кои развиле офшор ветерни електрани кои брзаат да се приклучат на мрежата пред 31 декември, кога истекоа државните субвенции.
Поради немањето стимулации, експертите очекуваат значително помал број на нови офшор ветерни електрани оваа година – околу 4 GW. Од друга страна, прогнозираат рекордна инсталација на соларни панели, меѓу 81 и 92 GW, откако ќе се решат проблемите во набавката на материјалите.
Кина моментално има инсталирано 306 GW сончева енергија и 328 GW енергија од ветер, што е повеќе од која било друга земја. Сепак, поради огромната количина на електрична енергија потребна на кинеското население и економија, фосилните горива продолжуваат да играат доминантна улога во производството на енергија и затоа земјата ослободува најголеми количини на стакленички гасови на глобално ниво.
Особено загрижувачки е растот на побарувачката на јаглен во Кина во претходната година. Зголемувањето на потрошувачката во оваа земја беше водечки фактор за тоа што во 2021 година е забележано најголемото производство на електрична енергија од јаглен на глобално ниво досега.